ОТВОРЕНО 45 ИЗДАНИЕ НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ „БРАЌА МАНАКИ“

ОТВОРЕНО 45 ИЗДАНИЕ НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ „БРАЌА МАНАКИ“

Во Битола започна програмата на 45 издание на ИФФК „Браќа Манаки“. На отворањето на фестивалот беше доделена Почесна „Златна Камера 300“ за животно дело на Јанаки Манаки, а наградата му беше врачена на Милтон, внукот на Јанаки Манаки кој истакна дека фестивалот „Браќа Манаки“ е уникатен фестивал, еден од малкуте фестивали во светот што ги слават кинематограферите.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова, која заради престој во странство, своите пораки ги искажа низ видео обраќање.

„Со право важниот и чудесен настан „Браќа Манаки“ ги слави и величи кинематограферите како волшебници и магионичари кои од приказната прават слика и филм. Сите ние имаме лична историја запишана во нашата или нечија меморија. Во книгите или во видеозаписите како што Милтон и Јанаки ги запишале и сочувале големите собитија на почетокот на 20 век, но и малите секојдневни работи и активности. Нивните записи се не само историја, туку и уметност, битолска, национална, регионална и светска. Да продолжиме да ги чествуваме и славиме браќата Манаки. Да ги сакаме, негуваме и славиме, филмот и уметноста, да го живееме животот, оти едни и единствени се браќата Манаки, порача претседателката Силјановска Давкова, прогласувајќи го фестивалот за отворен.

На отворањето на фестивалот беше доделена наградата „Златна Камера 300“ за животно дело која му припадна на францускиот кинематографер Бруно Далбонел, а ја врачи претседателот на Владата Христијан Мицкоски, додека наградата за особен придонес во светската филмска уметност ја доби Јоланта Дилевска, а ја врачи градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Градоначалникот Коњановски, посакувајќи им топло добредојде на сите гости на фестивалот, нагласи дека Битола продолжува да биде креативен центар за најдобрите светски директори на фотографијата, откривајќи низ времето нови таленти кои денес важат за врвни уметници на филмската фотографија и кинематографија, закитени со наградите од фестивалот.

„Јубилејното 45-то издание на фестивалот ветува извонредна програма на филмови од етаблирани кинематографери и од нови таленти. Публиката може да очекува ексклузивни премиери, специјални проекции и ретроспективи.
Додека славиме 45 години филмска извонредност ги поканувам сите љубители на филмот, да ни се придружат во оваа незаборавна прилика.
Со голема благодарност до сите ѕвезди кои од денес во следните седум дена, заедно со нас го одбележуваат значењето на нашите најголеми ѕвезди Милтон и Јанаки Манаки и со честитки до сите добитници на наградите, творци во новото време, посакувам успешно фестивалско издание на единствениот фестивал со свој посебен кинематограферски печат, Фестивалот Браќа Манаки“. рече меѓудругото, градоначалникот Коњановски, во своето обраќање пред присутните.

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, беше доделена на Димитар Грбевски, македонски филмски и телевизиски монтажер.