Под мотото „Прекрасното непознато“, синоќа во Битола, беше отворено 44 издание на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“. Добредојде на присутните им посака директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски, нагласувајќи дека создавањето на едно уметничко дело, па дури и фестивал, започнува со скок во непознатото, кој скок, резултира со едно прекрасно патување на задоволство на публиката и создавачите на филмот.
Фестивалот е домаќин на највисоки претставници на француското, британското, кинеското, австралиското, шпанското, корејското, германското, грчкото, српското, чилеанското и американското друштво на кинематографери, а ќе бидат прикажани 80 филмови, девет работилници и дваесеттина различни настани кои ќе го остават својот сопствен магичен печат на Битола
Градоначалникот Коњановски, нагласи дека, богатата програма, уште еднаш го потврдува растот на Фестивалот, што е особено значајно за Битола:
„Битола благодарение на првите сниматели на Балканот, браќата Милтон и Јанаки Манаки претставува светски гласник во областа на кинематографијата. Уникатноста на творештвото најсилно допира низ моќта да се привлече посетителот, да се задржи неговото внимание и истиот да стане дел од патувањето на прекрасното непознато. Вечерва, повторно го славиме ентузијазмот и успехот на двајцата мечтатели кои ја зачуваа севкупната бесмртност на човештвото низ сите нивни фотографии и филмски снимки“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање.
Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм” и беше доделена на Лабина Митевска, за исклучителен придонес во македонската кинематографија, а наградата „Златна камера 300“ за животен опус му беше доделена на оскаровецот, кинематограферот Питер Бижу.
Фестивалот започна со проекција на македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на „Лист“. На годинешното фестивалско издание, кое ќе трае до 29 септември, најавено е присуство на 400 гости.