ОТВОРЕНО 43 ИЗДАНИЕ НА ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“

ОТВОРЕНО 43 ИЗДАНИЕ НА ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“

Синоќа во Центарот за култура во Битола се одржа свеченото отворање на 43 издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Во церемонијалниот дел, се обрати градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, кој им посака добредојде на гостите во градот домаќин на првиот и најстариот филмски фестивал во светот – Фестивалот „Браќа Манаки“.

„Тенденцијата за создавање високи вредности во реалноста која ја живееме, никогаш не би била доволно успешна доколку истата не претставува спој на минатото и градењето цврсти врски со напредокот кој треба да го донесе иднината. Токму визијата, надополнета со знаењето, имагинацијата, креативноста и визуелната перцепција, ја градат големината на успешните дела, што впрочем најдобро се прикажува низ подвижните слики и филмската уметност.

Преку филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, годинава за првпат во Битола, филмски заживуваат два нови објекти на културата, едниот, Кино „Манаки“, во кој покрај филмските проекции, ќе се промовира ликот и делото на Браќата Манаки и другиот објект, Офицерскиот дом, како репрезент на големото културно наследство на Битола, кое е силно поврзано со филмската историја на градот, посочи Коњановски.

На отворањето беа доделени неколу награди. Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија постхумно му беше доделена на филмскиот продуцент Горјан Тозија-Медо. Директорот на фестивалот Мони Дамевски ја врачи почесната Златна Камера 300 на Нејџел Волтерс, долгододишен претседател на Меѓународната асоцијација на кинематографери – ИМАГО. Претседателот на државата Стево Пендаровски, кој воедно е и покровител на фестивалот, му ја врачи наградата Златна Камера 300 за животно дело, на оскаровецот и пионер на дигиталната кинематографија,Ентони Дод Ментл.

По свечениот дел, беше прикажан францускиот игран филм „Мајка и син“. Фестивалот „Браќа Манаки“ годинава ќе трае до 26 август.