ОТВОРЕНО 42 ИЗДАНИЕ НА „МАЛ БИТОЛСКИ МОНМАРТР“ И 41 СВЕТСКА ДЕТСКА ЛИКОВНА ИЗЛОЖБА

ОТВОРЕНО 42 ИЗДАНИЕ НА „МАЛ БИТОЛСКИ МОНМАРТР“ И 41 СВЕТСКА ДЕТСКА ЛИКОВНА ИЗЛОЖБА

Во Старата битолска чаршија, вечерва свечено беше отворено 42 издание на Малиот Битолски Монмартр – светска детска ликовна колонија, која во континуитет се организира во периодот од 23 – 30 мај со учество на 20 до 25 групи. Годинава, кога детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“, одбележува 55 години од основањето, се одбележува и 41 година од светската детска ликовна изложба и конкурс “Битола” на која пристигнаа 44.000 детски ликовни творби од 71 држава кои претставуваат 650 државни и приватни училишта или околу 40.000 млади ликовни уметници од цел свет. Општина Битола, како и во најтешките финансиски мигови кои ги имаше Малиот Битолски Монмартр минатата година, така и годинава, застанува зад оваа манифестација, поддржувајќи ја традицијата,  континуитетот, квалитетот, развојот и поттикнувањето на ликовната уметност од најрана возраст. Малиот Битолски Монмартр, го отвори градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој поздравувајќи ги присутните, ја нагласи важноста на оваа светска детска ликовна колонија:

„Битола, со своите специфики, култура, историја и традиција, од вечерва во следните 7 дена, повторно ќе биде место во кое убавината на староградската и урбана архитектура, ќе биде инспирација како за домашните млади ликовни уметници, така и за гостите – учесници од 13 земји од светот.

Нашиот град продолжува да биде атракција за сите талентирани уметници од различни области од културата, а со тоа да биде и мотив за културно надградување и соработка на младите луѓе кои на овој начин ги градат своите вредности и ги развиваат талентите, афирмирајќи ги своите историски обележја, истовремено разменувајќи искуства и стекнувајќи знаења за културите и историјата на другите народи.

Во изминатите 55 години, Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“, дејствува токму во оваа насока, континуирано создавајќи дела, кои оставаат длабок печат на времето во кое се создаваат.

44.000 пристигнати детски ликовни творби од 71 држава или 650  државни и приватни школи, ширум светот, се уште една потврда за големината и значењето на овогодишната 41 ва светската детска ликовна изложба и конкурс „Битола“.

Со отворањето на 42 издание на Малиот Битолски Монмартр и светската детска ликовна колонија, продолжуваме една долга традиција, многу значајна за Битола.

Како локална самоуправа, даваме силна поддршка на оваа манифестација, која е наша дополнителна потврда на заложбата, Битола културно да се развива.

Тоа го потврдивме пред 3 дена со Интернационалниот фестивал на монодрама, го стимулираме со Битолското културно лето, но и со низа други културни манифестации кои се реализираат во текот на годината, организирани или поддржани од општината.

Ви благодарам на сите присутни вечерва, на организаторите заслужни за континуитетот на делото на почитуваниот Коста Хаџиантоновски, кој до последен здив вложи многу љубов и енергија во оваа манифестација.

Ви благодарам на сите кои со Вашето творештво го исполнивте детското ликовно студио и на сите Вас кои низ колоритност и уметнички израз, следниве денови, ќе творите во Битола.

Им честитам на добитниците на наградите и верувам дека секоја година бројот на млади уметници ќе биде се поголем, со што секое ново издание на Малиот Битолски Монмартр ќе биде се поуспешно, а Битола повесела и побогата.

Ви посакувам пријатен престој во Битола“, рече градоначалникот Коњановски

На свеченото отворање беше доделена наградата Гран при која оваа година им припадна на младите ликовни творци од студиото „Simply Art“ од Хонг Конг-Кина, а награди добија и учесници од Индија, Јапонија, Србија, Бугарија, Словачка, Црна Гора, Турција и други држави.