ОТВОРЕНО 41 ИЗДАНИЕ НА МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР

ОТВОРЕНО 41 ИЗДАНИЕ НА МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР

Во Старата битолска чаршија, пред просториите на Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“, свечено беа отворени 41 издание на Малиот Битолски Монмартр и јубилената 40 светска детска ликовна изложба, која традиционално го носи името Битола. За изложбата, годинава пристигнаа 22.500 поединечни детски цртежи, од над 40 држави, а од нив меѓународното жири избра 777 дела кои во детската галерија „Монмартр“, ќе бидат поставени до 5 мај, идната година.

На отворањето на манифестациијата, присуствуваа гости од 14 држави, како и претставници на дипломатскиот кор, советници од Советот на општина Битола, граѓани и други гости. За почетоците и напредокот на Малиот Битолски Монмартр низ годините, пред присутните говореше Елена Хаџиантоновска, ќерката на Коста Хаџиантоновски, идејниот творец на оваа манифестација.

41 издание на Малиот битолски монмартр, го отвори градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој потсети на значењето на Малиот битолски монмартр, како и поддршката која локалната самоуправа ја обезбедува со цел постојан раст и промоција на традиционалните манифестации, но и можностите кои ги создава општината, со цел Битола да живее со културни настани во текот на целата година.

„Вечерва е голема чест и радост да се биде на една ваква манифестација, каде детската креативност е вистински промотор на Битола во светски рамки.

Малиот Битолски Монмартор е голема гордост на нашиот град, кој вреднувајќи ги детските таленти, создава една посебна топлина во градот, но дава и мотив голем број деца, активно да творат, да се надоградуваат континуирано да напредуваат и да го развиваат својот талент.

Се радувам, што после 2 години ограничувања поради КОВИД протоколите, повторно низ битолските улици, голем број деца ќе ги користат богатите битолски приказни за инспирација во своето творештво.

После Фестивалот на монодрама, чие свечено затворање беше пред 2 дена, а каде гостуваа претставници од 11 земји од светот, денес го отвораме 41 издание на Малиот Битолски Монмартр и јубилејната 40 светска детска ликовна изложба.

Тоа што и тука годинава гостуваат 16 тимови од 14 држави, а пристигнале пратки со ликовно творештво од над 40 држави, јасно говори за значењето на оваа манифестација за сите нас, а пред се за Битола.

Ова уште еднаш потврдува дека, како локална самоуправа, ставаме силен акцент на поддршката на културните манифестации во нашиот град, коишто се надоврзуваат една на друга, придонесуваат за културно – уметничко раздвижување, афирмирање и меѓународна промоција.

Во тој контекст, Општина Битола, продолжува со поддршка на традиционалните, но и поттик за нови културни манифестации кои ќе овозможат културата во Битола да живее во текот на целата година.

Сакам да испратам искрени честитки до добитниците на наградите и на сите гости да ви посакам пријатен престој во Битола“, истакна градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред присутните.

Гран при наградата, на вечерашната манифестација беше доделена на школата „Ателје Вејсел Аџар“ од Трабзон Турција, а наградата професор д-р Богомил Карлаварис, за животно достигнување годинава заминува за Белград, Србија.