Во основното училиште „Коле Канински“ во Битола, денес, беа отворени две ресурсни простории, со кои се создаваат услови за советувалишна и стимулациона работа на стручниот тим со учениците кои се соочуваат со одредени попречености и атипичен развој. Проектот се реализира, како резултат на соработката на Општина Битола со ЗЕЛС, со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ, а за значењето на проектот, на денешниот настан, говореше градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски:
„Еднаквите можности за сите нас се меѓу носечките принципи, врз кои треба да се темели работењето во секоја институција, особено, онаму каде станува збор за воспитно – образовен процес на деца. Тоа е вистинскиот начин за секој да биде мотивиран, да го даде најдоброто од себе, да придонесе за заедницата, во која независно од своите потешкотии, ќе може успешно да учи и создава.
Со Програмата за социјална заштита на Општина Битола, посветуваме посебно внимание на лицата кои се соочуваат со одредена попреченост, со цел, колку што е можно повеќе да им ги подобриме условите за живот и да создадеме средина во која ќе можат да бидат активно вклучени, да учат, создаваат и работат. Во оваа насока, како локална самоуправа, даваме поддршка на повеќе активности, но градиме и партнерства, низ кои побрзо и полесно, ќе успееме во реализацијата на зацртаните цели.
Денешниот настан: „Сите зрачиме на различен начин“, кој се организира по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, покажува дека, само низ континуирана работа можеме да постигнеме успех.
Со цел подобрување на способностите, вештините и можностите за развој на децата со потешкотии во ООУ „Коле Канински“, денес се отвораат две катчиња за работа со деца со атипичен развој и деца со потешкотии, кои ќе бидат од огромно значење и за стручниот и наставниот кадар на училиштето од аспект на зголемување на нивните капацитети за работа со овие ученици.
Овие катчиња, односно ресурсни простории, се поддржани од Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ во рамките на регионалниот проект „Социјална инклузија на ранливите групи во Западен Балкан“ во соработка со општина Битола и ЗЕЛС.
И двете ресурсни простории ќе бидат наменети за индивидуална работа со деца од страна нa стручната служба во училишто односно специјлен едукатор, логопед, психолог, педагог и образовни асистенти, што верувам, ќе биде од голема помош во создавањето услови за советувалишна и стимулациона работа на стручниот тим со учениците“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Во ООУ „Коле Канински“ настава посетуваат вкупно 788 ученици, од кои 11 ученици се ученици кои имаат МКФ проценка како и 25 ученици со одредени други потешкотии, но кои немаат МКФ проценка.
Општина Битола, со поддршка од страна на Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ во рамки на проектот „Инклузивни општини преку квалитетно образование“, наскоро планира отворање на сензорна соба во основното училиште „Даме Груев“ во Битола.