ОПШТОКОРИСНА РАБОТА И НАДЗОР ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА КАЗНЕНО – ПОПРАВНИОТ СИСТЕМ

ОПШТОКОРИСНА РАБОТА И НАДЗОР ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА КАЗНЕНО – ПОПРАВНИОТ СИСТЕМ

На иницијатива на Управата за извршување на санкции, а во рамките на твининг  проектот „Јакнење на казнено поправниот систем и пробациската служба“, денес во општина Битола, се одржа состанок на кој присуствуваа градоначалничката на општина Битола, претставници од јавните претпријатија, судот и претставници од пробациската канцеларија на управата за извршување на санкции. Целта на проектот е да се постигне поголема ефективност и ефикасност во спроведувањето на санкциите, преку имплементација на мерки кои ќе бидат во интерес на заедницата и поединецот. Проектот започна да се реализира од крајот на август и ќе трае две години, а Битола е еден од трите градови покрај Штип и Скопје, во кои се промовира овој пилот проект.

„На иницијатива на управата за извршување на санкции денес имавме работна средба, разговаравме околу подобрувањето на казнено – поправниот систем во нашата држава. Нешто што е од општ интерес и за општествената заедница и целокупно, за подобрување на состојбите што значат насочување на луѓето кон давање позитивен инпут од нивна страна во заедницата, но и растоварување на самото општество од идни ситуации во кои ваквите лица би останале незгрижени, а од друга страна државата би имала посериозно финансиско оптоварување. Станува збор, за проект кој има поголем и повеќекратен бенефит за општествената заедница. После оваа средба ќе следува и работилница, така што се надеваме дека со забрзана динамика, ваквите намери ќе бидат ефектуирани за скоро“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Со денешната средба се врши промоција на пробациската канцеларија и пробациската служба во Битола, а во следниот период експерти од Холандија и Германија, ќе доаѓаат, да ги обучат пробациските службеници, меѓутоа и да ги запознаат јавните претпријатија што е тоа пробација и како треба да изгледа практичната примена.

„Секако, ќе има работилници и со судиите да се охрабрат, да изрекуваат алтернативни казни, односно пробациски казни, имајќи предвид дека во минатото кажуваа дека нема пробациска служба, не сме изрекле таква мерка. Но, статистиката кажува дека навистина во голем број се изрекуваат тие казни: на пример опомена и условна осуда без надзор – што е голем процент, односно околу 50% од сите пресуди во РМ. Повратниците се појавуваат затоа што се оставаат без надзор. Сега имаме можност, преку пробациските канцеларии да се изречат општокорисна работа, условна осуда со надзор и секако најтешката казна за пробацијата е домашниот затвор, односно куќен затвор и алките за кои слушате“, изјави Јовица Стојановиќ, директор на Управата за извршување на санкции.

Со ваквото делување, користа е двострана, како од финансиски аспект за заедницата, така и од аспект на социјализација на лицето под надзор и негов придонес за семејството.

„Твининг проектот составен е од две компоненти: јакнење на казнено-поправниот систем и јакнење на пробациската служба. Законот за пробација веќе е во функција, но за жал не се имплементира, поради тоа што нема предмети. Токму заради тоа, во нашиот проект во кој ќе доаѓаат низа на експерти од Германија, Холандија и други земји од Европа ќе работиме преку низа на работилници, тркалезни маси и семинари, токму на прашањето на операционализација на пробациската служба, општокорисната служба и сите други мерки во рамките на алтернативното казнување, со цел во најголема можна мера да се искористат овие законски одредби“, изјави Аксел Бригмен, постојан советник за твининг проектот.

Во текот на судскиот процес, ќе се прави проценка на секое лице, со цел определување на најсоодветната општокорисна работа, како алтернативна мерка.