ОПШТИНА БИТОЛА СО НАЈВИСОК ПРОЦЕНТ НА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ОПШТИНСКИОТ БУЏЕТ ЗА ПОСЛЕДНИТЕ ЧЕТИРИ ГОДИНИ

ОПШТИНА БИТОЛА СО НАЈВИСОК ПРОЦЕНТ НА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ОПШТИНСКИОТ БУЏЕТ ЗА ПОСЛЕДНИТЕ ЧЕТИРИ ГОДИНИ

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, на денешната седница на Советот на општина Битола, информираше за реализацијата на општинскиот буџет во првиот квартал од 2022 година. Во своето обраќање пред советниците, градоначалникот го образложи следното:

 

Денес, на дневен ред е кварталниот извештај на општина Битола, за првиот квартал од оваа година. Податоците кои можете да ги видите во извештајот, јасно говорат за напредокот во работењето и видливите резултати во реализацијата на проектите.

Всушност, со зголемувањето на приходите на општината, создадени се можности за инвестиции за економски развој, подобра инфраструктура, поддршка на спортот, културата и младите.

Потврда за тоа е токму проектот за „Реконструкција, рехабилитација и изградба на 23 улици“, од кои 10 се веќе асфалтирани, за разлика од 2018 година, кога единствената улица на која се работеше, беше улицата Климент Охридски.

 

Тоа значи дека посветено работиме на дореализација на проектите, но и ставаме посебен акцент на изработка на нова документација за инфраструктурни и други проекти кои ќе се завршат до крајот на оваа, но и идната година.

Токму затоа, за првиот квартал од годината, Општина Битола има највисок процент на реализација во последните 4 години, односно 24,36%, за разлика од мандатот на претходната локална самоуправа, кога реализацијата на буџетот за првиот квартал:

 

  • Во 2018 била 14,10%
  • Во 2019 реализација 10,95%
  • Во 2020 реализација 12,32% и
  • Во последната предизборна 2021 година, процентот на реализација бил највисок за тогашниот период, односно 8,62% понизок од сегашниот и изнесувал 15,74%.

 

Точно е дека, покрај нереализирани, изготвени проекти, наследивме и средства во висина од 283 милиони денари, но мора да се потенцира, дека наследивме и обврски околу  209 милиони денари, што се потврди со завршната сметка на општината за 2021 година. На ова посебно сакам да ги потсетам советниците од опозицијата, заради транспарентност при информирањето на јавноста за состојбата со општинската каса, при доаѓањето на оваа локална самоуправа.

Сепак, зголемувањето на приходите во општинскиот буџет е клучно, за да може да се реализираат проектите кои ги ветивме пред граѓаните.

Изразено во апсолутни вредности, општината во досегашниот период има остварено приходи од 320 милиони денари без пренесен вишок на приходи, наспроти овој период во 2018 година кога биле остварени 244 милиони денари без пренесен вишок на приходи или остварени се 76 милиони денари повеќе приходи оваа година.

Ова се должи на посветеното и одговорно работење, со кое започнавме од првиот ден, а кое значеше решавање на затекнатите проблеми, но и воведување на организиран процес на работа.

Само за споредба, со моето доаѓање затекнав решенија за данок на имот кое не беа поделени до 11 ти месец, додека истите сега ќе бидат целосно поделени до 30.06, значи 5 месеци порано.

Ова потврдува дека, претходно не се водела грижа околу собирањето на даноците на имот и комуналните такси, што е утврдено во ревизорскиот извештај на внатрешниот ревизор  објавен на веб страната на општината.

Извештајот покажува дека, на пример, во 2020 година наплатата на данок на имот од физички лица изнесувала 61% во однос на утврдениот облог за таа година.

Ова значи, во апсолутен износ од облогот од 90 милиони денари ненаплатениот дел во 2020 година бил 35 милиони денари, додека во 2021 година ненаплатен дел од облогот од 92 милиони денари е 33 милиони денари, односно за двете години тоа е износ од 68 милиони денари.

Негрижа за наплата на приходите е констатирана особено кај комуналните такси и закупнините.

За целиот период од мандатот на оваа локална самоуправа, општината прави напори да ги наплати  дел од приходите за да може да се реализираат што повеќе проекти во интерес на граѓаните.

Токму тоа, очекуваме да го зголеми процентот на реализација на приходите во вториот квартал на оваа година и истиот да се движи околу 45%, за што дополнително ќе влијаат и веќе реализираните активности за подобрување на економската состојба на општината.

Во овој контекст, од продажба на градежно земјиште во овај период се очекуваат приходи од 12.687,069 денари, што е резултат на објавената јавна објава од страна на општината, после која продадени се 14 парцели  и тоа 11 во Индустриската зона Жабени, 2 на Новачки пат и 1 во Арм. Ова значи зголемен приход, но и најава за нови инвестиции во општина Битола.

Во моментот, општината на сметката има 176.107.775,00 денари, што значи продолжуваме со зголемена динамика да работиме на реализација на сите проекти кои ги најавивме, дури и сега, кога нашата држава се соочува со економска и енергетска криза.