ОПШТИНА БИТОЛА СИСТЕМСКИ ЌЕ ГО РЕШАВА ПРОБЛЕМОТ СО КУЧИЊАТА СКИТНИЦИ

ОПШТИНА БИТОЛА СИСТЕМСКИ ЌЕ ГО РЕШАВА ПРОБЛЕМОТ СО КУЧИЊАТА СКИТНИЦИ

Наместо досегашниот начин на справување со кучињата скитници, Општина Битола пристапува кон системско решавање на овој проблем. Преку грантовата шема на УНДП за поддршка на центрите за развој на планските региони, ќе се бара нов и похуман пристап за нивно отстранување од улиците. Состојбата со кучињата скитници во градот, која во одредени периоди претставува загрижувачки проблем за локалното население, ќе биде третирана во согласност со законските мерки, без повремени решенија, кои досега не го даваа ефектот на отстранување на проблемот. Ќе се пристапи со изработка на темелна студија, која ќе треба да го изнајде начинот на третирање на кучињата скитници и нивното отстранување од улиците.
За таа цел, членовите на Советот за развој на Пелагонискиот плански регион едногласно одлучија финансиската поддршка од оваа шема да биде искористена за решавање на проблемот со кучињата скитници.
Грантовата шема УНДП ја реализира во рамките на проектот за „Унапредување на општинското владеење“, кој што е финансиран од Европска Унија, во соработка со Министерство за локална самоуправа на РМ, а во регионот ќе биде спроведена преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.