ОПШТИНА БИТОЛА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ГРАДОТ

ОПШТИНА БИТОЛА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ГРАДОТ

Во пресрет на Денот на ослободувањето на градот – 4 Ноември, општина Битола, подготви програма со различни настани низ кои се презентираат значајните и традиционалните вредности на градот, низ културно – забавни, спортски, литературни, филмски и театарски содржини. Со цел, поттикнување на детската креативност и ентузијазам, како и вклучување на најмладите во празничните активности, четвртоноемвриската програма, содржи програмски содржини и за најмладите.

Настаните од програмата започнуваат од утре во 20.00 часот, во Кино „Манаки“, со проекција на филмот „Градот Битола – родоначалник на подвижните слики на Балканот“, а следните денови продолжуваат со Интернационалниот фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“, Фестивалот на мала школа на краток и филм и други настани. Во Битола ќе гостува и Театарот за деца и младинци со претставата „Некој нека ми каже колку сум важен“, а во детскиот дел, најмладите ќе можат да ја погледнат и детската претстава „Јованче и Марика“ на театар Бабец од Битола. За овие две претстави бесплатни влезници, може да се набават од утре во Офицерскиот дом, секој ден од 8 до 19 часот.

Битола има голем број талентирани музичари, културни уметници и спортисти. Токму затоа, оваа програма опфаќа дел од нив преку организација на спортски натпревари: велосипедска трка, кугларски турнир, фудбалски натпревар, традиционалната ноќна атлетска трка, настап на Дувачкиот оркестар на Битола, како и настап на Битолскиот симфониски оркестар, но и учество на млади музичари.

Промоцијата на книгата „Музика“ на професорот Александар Стерјовски е дел од од музичкиот маратон, кој ќе се одржи на 5 ноември по повод 75 години од основањето на Државното музичко училиште во Битола. Ликовната уметност, исто така е дел од празничната програма, а низ јавни дискусии на сите релевантни субјекти, ќе се разговара за проектите кои се поврзани со визијата за развој на Битола, урбаната мобилност и претприемништвото.

Доделувањето на наградите ќе биде на 4 ноември, на посебна свеченост низ која на уметнички начин ќе биде отсликана историјата и културата на Битола.

Настаните по повод 4 ноември, ќе се одржуваат до 23 ноември, а целосниот распоред на настаните е прикажан во програмата во прилог.