Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, упати честитки по повод 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите, односно денот кога пред 50 години беше одржан Првиот ромски конгрес во Лондон, кога е потврдено ромското знаме, химна, јазик, култура и идентитет. Меѓународниот ден на Ромите, беше одбележан со неколку активности во Општина Битола.
Поради актуелната состојба со Ковид-19, Петровска одржа зум средба со претставници на невладините ромски организации во градот. На средбата беше направен пресек на завршените проекти, што е преземено од страна на општината за ромската заедница во повеќе области, а се разговараше и за следните активности и проекти. Заклучок од оваа средба е дека образованието е клучен сегмент, за вистинско интегрирање на Ромите во сите области од општественото живеење.
Градоначалничката Наташа Петровска додели таблет комјутери при тековно појавени потреби кај ученици од ОУ „Даме Груев“, кои редовно следат настава, од различни одделенија. Учениците и нивните родители искажаа благодарност до градоначалничката Петровска, бидејќи на овој начин се зголемува квалитетот на следење на наставниот процес и можноста да постигнат уште поголеми успеси, бидејќи станува збор за ученици кои покажуваат желба за знаење и солиден успех во образованието.
По повод 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите, градоначалничката го посети Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“, каде што додели пакети за ранливите категории граѓани. Директорката Фатма Бајрам Аземовска објасни дека здружението во моментов работи на неколку проекти, а токму на денешниот празник, го промовираа почетокот на кампањата „Здравје за Ромите“. „Сумнал“ и Општина Битола во наредните три години ќе го имплементираат Стратешкото партнерство за иновации „Грижа за здравјето на Ромите 2“, чија цел е промоција на здравствената писменост меѓу Ромите преку тренирани здравствени медијатори, вклучувајќи и воспоставување на Центри за здравствено образование на заедницата.
Од претставникот на невладината „Аваја“, Ремзи Медик, на градоначалничката и беше подарено Ромското знаме, како симбол на заедништво.