ОПШТИНА БИТОЛА ОБЈАВУВА ДВА ЈАВНИ ПОВИЦИ И ЗАПОЧНУВА СО РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПРОГРАМАТА ЗА СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА ЗА ОВАА ГОДИНА

ОПШТИНА БИТОЛА ОБЈАВУВА ДВА ЈАВНИ ПОВИЦИ И ЗАПОЧНУВА СО РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПРОГРАМАТА ЗА СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА ЗА ОВАА ГОДИНА

Започнува реализацијата на четири проекти од Програмата за социјална заштита на општина Битола. Денес, Градоначалникот Тони Коњановски и претседателката на ОО организација на Црвен крст од Битола, Лилјана Ристевска, потпишаа два договори со кои општината ќе ја продлабочи понатамошната соработка со Црвениот крст, со цел реализација на повеќе проекти во интерес на граѓаните.

„Со денешните активности, започнуваме со реализација на неколку проекти кои беа дел од мојата програма која ја претставив пред граѓаните, во предизборниот период, а кои понатаму станаа дел од Програмата за социјална заштита, која беше донесена од Советот на општина Битола.

Денес, со претседателот на општинската организација на Црвен крст, потпишуваме два договори, едниот за згрижување на бездомни лица и лица во ризик, а другиот за организирање и реализирање на обука на невработени лица за занимањето Обука за побарувани занимања.

Првиот договор е со максимален износ од 900.000 денари и се однесува на згрижување на бездомни лица и лица во ризик, што е во согласност со проектот од програмата со кој, меѓудругото, се обврзавме општина Битола, при донесувањето програма за социјална заштита, воведувајќи услуги за сите социјално ранливи категории, посебно внимание да посвети на егзистенцијалните потреби на секој поединец.

Во врска со вториот договор, денес ќе биде објавен јавен повик за обука на 24 невработени лица, за лични асистенти на лица со попреченост, во период од три месеци. По успешното завршување на обуката, лицата во договор со Црвениот крст ќе бидат работно ангажирани. Овој јавен повик е почетна активност кон реализација на проектот „Асистенти за независен живот“. За реализација на оваа проектна активност, општината издвојува 480.000 денари.

Денес, како дел од Програмата за остварување на социјалната заштита во Општина Битола за 2022, го објавуваме и јавниот повик за поддршка на проекти и програмски активности на здруженија на граѓани кои работат во областа на социјалната заштита, каде обезбедуваме финансиска поддршка во вкупна вредност од 640.000 денари на проекти на здруженија на граѓани и фондации кои работат во областа на социјалната заштита. Поддршката се однесува на неколку области и тоа: Намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост, Социјална заштита на лица со попреченост, Социјална заштита на стари лица, како и Поддршка на активностите на Советите на Општина Битола, како што се Совет за превенција на детско престапништво, Совет за социјална заштита, Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Локален економско-социјален совет, Совет за заштита на потрошувачи, Локален волонтерски совет.

Како четврт проект, од оваа област кој сакам да го истакнам е проектот за обезбедување инфраструктура на лицата со попреченост, во домот на тие лица, за што повикот ќе биде објавен по донесувањето на Правилникот од страна на Советот на општина Битола, на седницата која ќе се одржи во понеделник. Овој повик, по објавувањето ќе биде отворен во текот на целата година, до искористувањето на предвидените средства од 1.000.000 денари.

Вкупната вредност за наведените проекти со кои од една страна се обезбедува социјална заштита, а од друга страна обука за побарувани занимања, што понатаму ќе донесе и можности за вработување на нашите сограѓани, изнесува 3.000.000 денари“, изјави Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Претседателката на ОО на Црвен крст, Лилјана Ристевска, нагласи и општината и Црвениот крст во 2022 година ќе се соочат со многу предизвици, особено поради зголемениот број на бездомни лица. Но, со заедничка активност, предвидена е реализација на повеќе активности кои ќе го подобрат животот на социјално ранливите категории граѓани.