Општина Битола, ја изготви документацијата, потребна за добивање на одобрение за работа на прифатилиште за бездомни и нерегистрирани кучиња и истата денес е испратена до Агенцијата за храна и ветеринарство, која треба да даде согласност за отпочнување со работа на прифатилиштето. Како дел од документацијата, изготвен е техничко – технолошки елаборат, список на опрема, приказ и организација на работата и биланс на работната сила, како и останатата пропратна документација, потребна за извршување на оваа дејност.
Прифатилиштето кое го изгради Општината, располага со 33 бокса со максимален капацитет од 3 кучиња по бокс според законските барања, што претставува оптимален капацитет за ставање под контрола на овој проблем. Во рамките на прифатилиштето изграден е долг парк, кој е неопходен за хуман третман на животните и за спроведување на сите законски постапки при времениот престој на кучињата во прифатилиштето. Вредноста на реализацијата на оваа фаза од проектот „Изградба на настрешница во функција на објект за ветеринарна заштита“, изнесуваше 4.132.399 денари. Акцискиот план на општината за ставање под контрола на проблемот со уличната популација на хуман начин, според анализите изнесени во елаборатот, во прв план предвидува масована стерилизација на кучињата во рамките на шест до осум месеци на минимум 75% од уличната популација на кучињата, по што ќе продолжи активноста за одржување на 75% стерилизирана популација со цел континуирано намалување на уличната популација по природен пат.
Проблемот со уличните кучиња не е настанат во краток период и токму затоа, локалната самоуправа пристапи кон подготовка за отпочнување со работа на надворешниот дел од прифатилиштето, кое целосно ќе одговори на констатираната состојба и моменталните потреби, а ќе овозможи долгорошно решение, со рационално искористување на средствата од општинскиот буџет.
Прифатилиштето ќе може да започне со работа, веднаш по добивањето на одобрението од Агенцијата за храна и ветеринарство.