ОПШТИНА БИТОЛА ДЕЛ ОД НАСТАНОТ „ОТВОРЕН ДЕН – НОВИ ПЕРСПЕКТИВИ“ НА УКЛО И ПРИЈАТЕЛИТЕ: ПРОМОВИРАН И ЗАЕДНИЧКИОТ ПРОЕКТ „УНИВЕРЗИТЕТСКА ЛЕТНА ПРАКСА“

ОПШТИНА БИТОЛА ДЕЛ ОД НАСТАНОТ „ОТВОРЕН ДЕН – НОВИ ПЕРСПЕКТИВИ“ НА УКЛО И ПРИЈАТЕЛИТЕ: ПРОМОВИРАН И ЗАЕДНИЧКИОТ ПРОЕКТ „УНИВЕРЗИТЕТСКА ЛЕТНА ПРАКСА“

Со обединување на капацитетите и ресурсите на УКЛО, јавните институции, Локалниот економско социјален совет на Општина Битола, бизнис заедницата, Регионалната стопанска комора, граѓанскиот сектор и креативците од градот, денес во Битола се организира „Отворен ден“, на кој преку заедничка акција се поттикнува иницијативноста со обезбедување на можности за квалитетно образование, личен и кариерен раст и развој преку користење на програмите за мобилност, неформално образование, програмите за стартапи, можностите за доквалификација и прекфалификација, како и со користење на програмите на институциите и граѓанскиот сектор.

На овој начин преку социјален дијалог се создаваат услови за економска и социјална стабилност. На почетокот на „Отворениот ден“, свое обраќање имаше ректорот Игор Неделковски, а беа потпишани и договори за соработка. Градоначалникот Коњановски, ги поздрави присутните, потенцирајќи ја важноста на ваквото вмрежување и посакувајќи им многу успех на избраните студенти – практиканти, кои ќе бидат дел од проектот „Универзитетска летна пракса“, кој за првпат се реализира годинава со поддршка од Општина Битола.

„Успешноста во едно општество се создава само преку заедничко делување на сите релевантни фактори кои имаат за цел да изградат здрави, едуцирани личности, за потоа токму тие млади луѓе да бидат движечка сила за успешната иднина на местото во кое живееме, за иднината на нашиот град.

Токму денешниот настан, претставува едно вмрежување на младоста, искуството, иновативноста, креативноста со можностите и перспективите за напредок. Заедничката заложба на сите нас, кои на различен начин сме вклучени во овој настан, има единствена, но сложена цел: Да обезбедиме силна мотивација, за учениците и студентите, својот интелектуален потенцијал и вештини соодветно да ги насочат и да продолжат да бидат дел од развојните процеси на нашата Битола.

Годинава за првпат на 44 годишнината од основањето на нашиот битолски универзитет „Свети Климент Охридски“, како заедничка иницијатива и вмрежување на општината, локалниот – економско социјален совет, УКЛО, Центарот за вработување, Регионалната стопанска комора, Младинскиот културен центар, Преда фондација и преку директно вклучување на бизнис секторот, организираме Отворен ден, на кој сите заинтересирани на едно место можат да изберат во која насока ќе го продолжат својот образовен, професионален, кариерен развој.

Нашиот универзитет преку своите квалитетни студиски програми и стручниот наставен кадар, веќе докажано продуцира професионални високо едуцирани кадри, експерти во различни области, за кои треба да направиме се, за да ги задржиме во Битола. Некогаш тоа значи и усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на трудот, а некогаш неопходно е и кариерно советување и информирање.

Во секој случај никогаш не сме направиле доволно, доколку не направиме нешто повеќе.

Како локална самоуправа, во овој контекст, годинава, покрај заедничката реализација на „Отворениот ден“, за првпат во партнерство со универзитетот, спроведуваме уште еден проект „Универзитетска летна пракса“, со кој овозможуваме заинтересираните студенти, за време на летниот период, да се стекнат со практични знаења и вештини, преку работно ангажирање, за одреден надомест во општината и јавните претпријатија.

Ваквото искуство на „учење низ работа“, е од заеднички бенефит за сите кои сме дел од овој проект. Сакам да им посакам многу успех на студентите кои веќе покажаа интерес и се избрани на јавниот повик и да ги мотивирам и другите заинтересирани да бидат дел од ваквите активности кои имаат за цел практична едукација низ која стекнатите знаења и вештини имаат голема вредност.

Како организатори на „Отворениот ден“, посакувам да имаме успешен настан, со многу резултати, а на носителот на активностите, Универзитетот „Свети Климент Охридски“, му ја честитам 44 годишнината, со желби ваквата иновативност и креативност, од година во година да биде се поголема, а работните достигнувања, да резултираат со успех на Битола, зошто токму образованието е нашата најголема вредност“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање пред присутните.

Во рамките на „Отворениот ден“, МКЦ – Битола во соработка со Агенцијата за вработување и Регионалната стопанска комора Битола организира поврзување на бизнис заедницата (промоција на отворени работни позиции) со невработени лица. Овој дел од настанот нуди информација, мотивација и можност за невработени лица од општина Битола да се поврзат, да аплицираат и да се вработат во брзорастечки компании, големи компании, мали и средни бизниси, иновативни бизниси и старт ап компании од една страна и компании кои имаат потреба од работници со стручни квалификации, кои нудат слободни работни места. Во овој дел повеќе од 20 компании ќе промовираат повеќе од 100 отворени работни позиции за различни профили на граѓани, преку познатата програма Ден на кариера.

Преда Плус Фондацијата ќе промовира програма за поддршка на стратапи во AgriTech i TourTech. Преку оваа програма, младите се мотивираат да останат во Битола и да студираат на УКЛО, да се едуцираат, да започнат свој сопствен бизнис или да се вклучат во едукативни програми и да работаат на сопствениот кариерен раст и развој.

Настанот е збогатен и со музички хепенинг на кој настапуваат бројни битолски бендови и ДЏ-и, а Универзитетското радио УКЛО ФМ ќе емитува своја програма од „Отворениот ден“.