ОПШТИНА БИТОЛА ДЕЛ ОД КОНФЕРЕНЦИЈАТА „ЗЕЛЕН ТРАНСПОРТ 2022“

ОПШТИНА БИТОЛА ДЕЛ ОД КОНФЕРЕНЦИЈАТА „ЗЕЛЕН ТРАНСПОРТ 2022“

Делегација од општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, учествува на конференцијата „Зелен транспорт 2022“, која од денес започнува во Кожани, Грција. На конференцијата се презентираат повеќе теми од областа на зелениот транспорт, во присуство на министри, професори на универзитети, градоначалници и претставници на невладиниот сектор.

Како дел од проектот „Интеграција на зелен транспорт во градовите”, кој се имплементира во партнерство помеѓу Универзитетот од Кожани, Универзитет од Патра, Општина Битола, Општина Ресен, Општина Преспа и Општина Лерин, во рамките на конференцијата во Кожани, беа претставени резултатите од реализираниот проект.

„Како општина веќе реализираме повеќе активности во областа на енергетската ефикасност, а конкретно со овој проект се врши дизајнирање и воведување на еден нов пристап кон начинот на транспорт, за што примерот и за граѓаните потекнува токму од локалната самоуправа, додека регионално создаваме заеднички, партнерски вредности кои преку паметно искористување на природните ресурси, ќе придонесат за остварување на многу повисоки цели.

Во тој контекст, како значаен бенефит за сите нас е тоа што регионот изобилува со сонце и преку поставувањето на фотоволтаичните инсталации со полначи за електрични возила во Битола, Ресен, Преспа и Лерин ќе имаме користење на чиста обновлива енергија.

Проектот „Интеграција на зелен транспорт во градовите” кој се имплементира преку првиот повик од ИПА програмата за прекугранична соработка, создава синергија помеѓу обновливите извори на енергија и корисниците на транспортот, а истиот се спроведува како партнерство помеѓу Универзитетот од Кожани, Универзитет од Патра, Општина Битола, Општина Ресен, Општина Преспа и Општина Флорина“, посочи градоначалникот Коњановски на конференцијата.

За резултатите од заедничкиот проект, како и за соработката со Кожани и Корча по потпишаниот Меморандум, градоначалникот Тони Коњановски информираше и преку изјава за локалните и националните медиуми во Грција.