ОД ДЕНЕС УШТЕ СЕДУМ СТУДЕНТИ ЗАПОЧНАА СО УНИВЕРЗИТЕТСКА ЛЕТНА ПРАКСА

ОД ДЕНЕС УШТЕ СЕДУМ СТУДЕНТИ ЗАПОЧНАА СО УНИВЕРЗИТЕТСКА ЛЕТНА ПРАКСА

По завршувањето на првата група од 14 студенти практиканти кои беа дел од проектот „Универзитетска летна пракса“, од денес уште 7 студенти од универзитетот „Свети Климент Охридски“, започнаа со својата практикантска работа. Пет од студентите во следниот еден месец ќе извршуваат работни задачи во општината, а останатите двајца се распоредени по еден во Зоолошката градина и еден во Домот за стари лица „Сју Рајдер“.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, на новите практиканти им посака успешна работа преку активна вклученост во областите во кои ќе работат во текот на месец август, со цел нивно стекнување на повеќе знаења, но и поддршка на институциите во работењето во овој период.

Проектот Универзитетска летна пракса, го реализира Општина Битола во соработка со  Универзитетот “Св. Климент Охридски”, преку Центарот за кариера, алумни и доживотно учење, а за истиот преку општинската програмата за спорт и млади планирани се 500.000 денари.

Согласно договорите, практикантите имаат обврски работните задачи да ги извршуваат одговорно и посветено, за што имаат право на паричен надомест за практикантска работа за еден календарски месец од 10.000,00 денари во нето износ, како и персонален данок и осигурување од повреда при работа.