ОДРЖАНА ЈАВНА ДИСКУСИЈА НА ТЕМА: СЛОБОДНИТЕ ИНДУСТРИСКИ ЗОНИ И НИВНОТО ЗНАЧЕЊЕ ЗА ЕКОНОМСКИОТ РАЗВОЈ НА БИТОЛА

ОДРЖАНА ЈАВНА ДИСКУСИЈА НА ТЕМА: СЛОБОДНИТЕ ИНДУСТРИСКИ ЗОНИ И НИВНОТО ЗНАЧЕЊЕ ЗА ЕКОНОМСКИОТ РАЗВОЈ НА БИТОЛА

Во организација на Локалниот економско социјален совет на Општина Битола, а во соработка со Младинскиот културен центар од Битола, денес се одржа јавна дискусија на тема: „Слободните индустриски зони и нивното значење за економскиот развој на Битола“. На јавната дискусија беа отворени прашањата поврзани со подобрување на инфраструктурните услови во Старата индустриска зона во Битола, како и во Индустриската зона Жабени, на што општината, континуирано работи.

Во врска со Старата индустриска зона, секретарот на општина Битола и заменик претседавач на ЛЕСС, Борче Димитровски, информираше дека, локалната самоуправа, ја изготви потребната документација за реконструкција на улицата „Индустриска“ („Бурса“), во должина од 2,4 километри, а преку Светска банка во соработка со Министерството за транспорт и врски, обезбедени се потребните средства, но од Министерството е добиена информација дека постапката за избор на изведувач е завршена деновиве, така што реконструкцијата се очекува да започне на почетокот на 2024 година.

Во Индустриската зона „Жабени“, пак, Димитровски истакна дека извршено е ажурирање на документацијата за изградба на потребната инфраструктура, што се однесува на водоводна, канализациона мрежа, коловоз, како и проширување на капацитетите на пречистителната станица, за што потребна е инвестиција од 6,3 милиони евра. Токму затоа, Општина Битола е насочена кон обезбедување на средства од фондови, со цел создавање на подобри услови за идните инвеститори, кои веќе покажуваат интерес за зоната.

„Во тек е нов повик за продажба на нови парцели во индустриската зона „Жабени“ и до крајот на оваа година се очекува да се продадат четири нови парцели, со што ќе се достигне бројка од 16 продадени парцели во период за една и пол година“, рече Димитровски во своето излагање, нагласувајќи дека, новите инвестиции се од големо значење, како за општината, така и за регионот, за што потврда е и успешната работата на големиот германски инвеститор „Кромберг и Шуберт“ во ИЗ „Жабени“.

За можните решенија за подобрување на условите за вложување и работа во индустриските зони, говореа Венцо Шишкин, раководител на одделение за економски развој во Општина Битола, Александар Костовски, претставник на „Кромберг и Шуберт“ и Жарко Краус од Конфедерација на слободни синдикати.

Претставниците од бизнис секторот, ги посочија приоритетите на кои е потребно да се стави акцент во идниот период, со цел непречено и подобро функционирање на приватниот сектор.

Настанот беше реализиран во рамките на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог во заедницата“ на МКЦ Битола со поддршка на Меѓународниот центар Олоф Палме од Шведска.