Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и претседателката на Советот, Габриела Илиевска, денес присуствуваа на втората седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, по што се одржа свечена конференција по повод 50 годишниот јубилеј на Заедницата на единиците на локалната самоуправа.
Во своето обраќање на денешната свеченост, претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска, нагласи дека, денес, после пет децении ЗЕЛС обединува 80 општини и уште една посебна единица на локалната самоуправа, односно Градот Скопје и продолжува да ја остварува својата примарна функција, а тоа е да ги реализира сите оние барања што ги имаат единиците на локалната самоуправа во делот на обезбедување што е можно поголема фискална независност и овозможување стабилност на општините, како и да ги застапува нивните интереси.
Свое обраќање на настанот имаше и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, која ја нагласи важноста од постоењето на ЗЕЛС и функционалните општини и истакна дека САД секогаш ќе го поддржуваат развојот на единиците на локалната самоуправа.
Стефан Худолин, шефот за соработка на Делегацијата на ЕУ во земјава, пак нагласи дека, Европската унија дава поддршка и инвестира во развојни проекти за да им помогне на македонските општини со значајни проекти, особено во делот на енергетска ефикасност.
На настанот беше претставена и изложба на цртежи од ученици од четврто одделение, од училиштата од повеќе општини, кои за педесетгодишниот роденден на ЗЕЛС твореа на темата „Мојата општина – мој сакан дом“. Исто така, беше потпишан и нов Меморандум за соработка меѓу Владата на Република Македонија и ЗЕЛС, бидејќи актуелниот беше склучен пред 19 години, поточно на 5 март, 2003 година.