„Социјалани предизвици“ беше насловот на денешната конференција која се одржа во Битола, во организација на Амбасадата на Франција и Францускиот Институт од Скопје, а во соработка со Француската Алијанса и Општина Битола.
Експертите на конференцијата ги посочија социјалните предизвици со кои што се соочуваат граѓаните на земјите членки на ЕУ, како и тие на земјите кандидати. Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, ја потенцираше важноста на социјалниот дијалог и креирањето на државна политика која ќе придонесе за поскоро излегување на работоспособните лица од категоријата на социјален ризик, а истовремено ќе ги мотивира младите луѓе на иновативни решенија, следење на европските текови и заедничко креирање средина за развој и напредок.
„Времето во кое живееме наметнува многу социјални предизвици, на кои сите ние, кои денес сме присутни тука, треба да одговориме со координирано делување, кое ќе создаде можности за напредок на државата, услови за нови вработувања, подобрување на статусот на работникот, создавање на соодветни услови за работодавачите кои ќе креираат нови работни места, а со тоа ќе придонесеме и кон задржување на младата работна сила во нашата држава.Ваквата тенденција, треба да придонесе за имплементација на соодветни мерки, кои поттикнуваат и стимулираат активности, наспроти пасивност и креирање на социјално зависни категории на граѓани. Улогата на социјалната политика на државата мора да биде насочена кон што поскоро излегување на работоспособните лица од категоријата на социјален ризик, како корисници на социјална помош. Зголемениот број на корисници на социјална помош пак, води кон создавање на алармантна состојба, поради што неопходно е државната политика да стимулира излегување на граѓаните на пазарот на трудот, нивно вработување, односно економско вклучување на сите кои се работоспособни, како луѓе кои ќе придонесуваат за заедницата. Итно потребно е воспоставување на ефикасен систем за контрола и надзор, но и соодветен пристап за намалување на сиромаштијата и подобрување на економскиот статус на граѓаните.Економската криза која сите ја чувствуваме, придонесува се потешко да се живее, но преку конзистентна еконoмска политика, треба да се спречи губењето на достоинството на работникот и истиот да се мотивира за поголема продуктивност и исполнителност. Вистинското вреднување на квалитетната и квалификувана работна сила, секогаш треба да биде главната компонента на која треба да се темели работењето во секоја работна организација, затоа што во тој случај се постигнува поефикасно и ефективно работење кое носи резултати, задоволни вработени кои нема да се доведат во ситуација на социјален ризик и разочарување, а ќе се спречи и појавата на иселување во другите земји поради потреба од подобри услови за работа и повисоки плати“,рече во своето обраќање градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски.
На настанот присуствуваа Амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер, почесниот конзул на Франција во Битола, Калиопа Кривашија Стилиновиќ, Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, француски експерти, претставници на Советот на општина Битола, професори, но и студенти, млади луѓе, како и претставници на невладиниот сектор, кои активно се вклучија во денешната дебата.