ОДДАДЕНА ДОСТОЈНА ПОЧИТ НА ПАДНАТИТЕ БОРЦИ ПО ПОВОД ИЛИНДЕН

ОДДАДЕНА ДОСТОЈНА ПОЧИТ НА ПАДНАТИТЕ БОРЦИ ПО ПОВОД ИЛИНДЕН

По повод празникот Илинден, утринава им беше оддадена почит на загинатите борци за слободна Македонија од Илинденскиот период и од Втората светска војна.

Градоначалничката м-р Наташа Петровска, претставници од Советот на Општина Битола, претставници на Сојузот на борците од Битола, како и претставници на двете најголеми политички партии во Советот, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, положија свежо цвеќе на Споменикот на револуцијата пред Центарот за култура. Градоначалничката Наташа Петровска, честитајќи им го големиот празник Илинден на сите жители на Битола и на сите Македонци, посака подобра идина за нас и за нашите поколенија, во нашата заедничка Македонија.

„2-ри август е најзначајниот ден во македонската историја, кој што е симбол на нашата борбеност, истрајност и државотворност. Нека овој 2-ри август 2018 година биде наш потсетник за заедништво, за единство по патот кон европската иднина, она што е всушност симбол на глобализацијата во светски рамки. Наместо младите да ни одат во Европа, ние Европа да ја донесеме тука“, рече Петровска.

Делегација од Општина Битола, предводена од градоначалничката Петровска, го посети споменикот на паднатите борци во Илинденското востание и НОБ во селото Цапари, каде положи свежо цвеќе. Жителите на селото ја изразија благодарноста до Петровска, затоа што за прв пат некој градоначалник на Општина Битола, за време на празникот Илинден се поклонил пред споменикот на загинатите во ова село.

Претходно, делегација на Советот на Општина Битола и политичките партии, положија свежо цвеќе и на Споменикот на Илинденците во црквата „Св. Недела“.