Општина Битола и оваа година се вклучи во одбележувањето на „Европската недела на мобилност“ упатувајќи силна порака дека автомобилите треба да се користат одговорно со избирање на „паметен“ начин на транспорт , што би значело да се користат предностите на современиот урбан начин на живеење, но при тоа да се води сметка за животната средина и загадувањето што го произведуваме.
„Сакам да потсетам на еден проект кој што општина Битола го изработува изминатиов период и за скоро ќе биде завршен, се разбира во соработка со СВР Битола, а кој што значи велосипедски патеки во општина Битола. Секаде онаму каде што ќе биде возможно во договор со сообраќајната полиција, да се движат велосипедите тоа ќе биде направено. За скоро ќе биде завршено како проект и со новиот буџет кој што ќе следи, ќе следува реализација на проектот „ велосипедски патеки“ низ општина Битола.“ истакна градоначалникот на општина Битола д-р Владимир Талески.
Учесници во овој настан беа ученици од основните училишта, граѓански здруженија и граѓани.Возењето на велосипедите започна од плоштад „Магнолија“ по „Булевар 1ви Мај“ до Црн мост и назад по „Булевар 1ви Мај“ до плоштад „Магнолија“.
Исто така, беа извлечени тројца среќни добитници на велосипеди кои ги обезбеди фирмата СОКОТАБ Битола, преку својата програма за општествено одговорна компанија. Додека ФОД-Битола донираа 4 паркинзи за велосипеди кои се поставени на соодветни локации.
Во организацијата на овој настан освен општина Битола и градоначалникот д-р Владимир Талески, се вклучија и СВР-Битола, ЗГ „Биосфера“, Центарот за ран детски развој СУМНАЛ и граѓанската иницијатива „ Битола на точак„.