Делегација на Општина Битола предводена од заменик градоначалникот Емилија Костурска, делегација на Сојузот на борците од Битола, претставници на Советот на Општина Битола и на политичките партии, Здружението на пензионери и граѓани на Општина Битола, со полагање на свежо цвеќе на Споменикот на револуцијата пред Центарот за култура во Битола, им оддадоа почит на револуционерите, со што беше одбележан Денот на антифашистичкото востание на македонскиот народ, 11 Октомври, денот кога започна народно ослободителната и антифашистичка борба.
Заменик градоначалничката Емилија Костурска посочи дека 11 Октомври е еден од најзначајните историски датуми за Република Македонија.
„Историјата говори дека почетокот на вооруженото востание против окупаторот, ја искажува свесноста на македонскиот народ за непокор и ослободување од тиранијата. Денес, наша должност е да им оддадеме почит на нивната свест и совест. Би сакала од името на Општина Битола да им го честитам празникот на сите Македонци, да упатам желби за подобар живот на сите нас, но и поголема свест и совест за сите актуелни состојби, пред кои сме исправени во денешно време. Нека ни е честит 11 Октомври, денот на востанието“, рече Костурска.
По свеченот чин на полагање цвеќе, Костурска го прогласи за отворено годинешното издание на „Деновите на Македонското пчеларство“, манифестација која годинава по 21 пат се одржува на Плоштадот Магнолија во Битола.