Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, делегација од Советот на Општина Битола, претставници на Општинската организација на Сојузот на борците од Битола и претставници на Здружението на лица кои потекнуваат од Егејска Македонија, ја одбележаа 75 годишнината од формирањето на Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија. По тој повод, пред спомен плочата кај Противпожарната единица, положија свежо цвеќе.
„Живееме како Македонциво сопствена држава, благодарение на сите влогови на нашите предци. Токму тука припаѓаат и оние кои учествувале во оваа бригада, заради кои се наоѓаме овде, во одбележување на 75 годишнината од нејзиното формирање. Во оваа прилика сакам да им укажам слава и голема благодарност, затоа што ние денес се наоѓаме овде, благодарение на нив“ рече Наташа Петровска, градоначалник на Општина Битола.
Пред присутните и новинарите, се обрати и претседателот на Општинската организација на Сојузот на борци, Александар Трајковски, говорејќи за формирањето на бригадата и нејзините активности во регионот во 1944 година, како и активностите во Западна Македонија во 1945 година. На 2 април 1945 г. бригадата била расформирана, а нејзиниот боречки состав распореден во други единици. Нешто подоцна, најголемиот дел од борците на Бригадата се вратиле во Егејскиот дел на Македонија и ги создале првите одреди на Народноослободителниот фронт (НОФ), а подоцна станале борци во единиците на Демократската армија на Грција, каде повторно покажале огромна пожртвуваност во борбата за национални и социјални права и слободи.
Спомен плочата на чешмата е поставена во 1984 година.