Општина Битола во партнерство со Асоцијацијата места и градови со исклучителни вредности во Франција “Sites & Cites”, Асоцијацијата на архитекти на Македонија како и професионалци и експерти за културно наследство и урбанизам од земјите учеснички, ЗЕЛС и други партнери, го реализира проектот: Знаење, заштита и вреднување на старите урбани јадра во Македонија и Албанија. Преку наведените цели во проектниот наслов, проектот упатува на работа за спојување на алатки за урбанизам на културното наследство со сензибилизација на населението и на носителите на одлуки, како и вреднување на местата од интерес.
Во рамките на овој проект, обезбедено е искуство преку вмрежување на експерти и примери од француските градови за начинот на кој таму e третирано и се обележува културното наследство.
Преку повеќе online работилници и посети, за Општина Битола беше дефиниран урбан комплекс – Стара Чаршија и рута на движење за туристи/жители со 10 точки на интерес. Трасата на движење, на која се поставуваат информативните табли, во соработка со ЈП Паркинзи, ги опфаќа следните локации: Безистен, река Драгор, Стара Чаршија, Ликовна колонија Монмартр, Занаети, Чешми, Гостилници, Џамија Хаџи Махмуд Беј, Зелен пазар и Амам Дебој.
За проектот, изработена е графика и елементи, кои се во континуитет на претходната сигналитика и претставуваат една целина.
Покрај овие информативни табли, деновиве се поставуваат и 10 алатки со Брајово писмо за лица со попреченост, како туристичка сигналитика на следните локации: Саат кула, Св. Димитрија, Католичка црква, Јени џамија, Исак Џамија, Безистен, Офицерски Дом, Кино Манаки, Музеј и Хераклеа.
Овие алатки, беа изработени, како дел од проектот насловен „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“, кофинансиран од Програмата за прекугранична соработка со Грција, а реализиран од страна на здружението на лица со телесен инвалидитет на Битола, Демир Хисар и Ресен – МОБИЛНОСТ Битола и Фондацијата за нови технологии, иновации и трансфер на знаење ГАУС Институт – Битола.
Со овој проект, се зголемуваат можностите за подобрување на пристапноста на лицата со попреченост, до дел од најзначајните културно историски споменици во градот.