ОБЕЗБЕДЕНА ЗАШТИТНА ОПРЕМА ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ПРОТИВПОЖАРНИТЕ ЕДИНИЦИ НА ПЕТ ОПШТИНИ ОД ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН

ОБЕЗБЕДЕНА ЗАШТИТНА ОПРЕМА ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ПРОТИВПОЖАРНИТЕ ЕДИНИЦИ НА ПЕТ ОПШТИНИ ОД ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН

Во рамките на проектот „Превенција и управување со прекугранични комплексни поплави и шумски пожари“, чиј имплементатор е Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, денес се одржа примопредавање на опрема за противпожарните единици од Пелагонискиот регион. Со овој проект, кој се реализира во рамките на Програмата за прекугранична соработка со Грција, координирана од Министерството за локална самоуправа, обезбедена e целосна заштитна опрема за вработените во противпожарните единици во Битола, Прилеп, Ресен, Крушево и во Демир Хисар.

На денешниот настан, присуствуваа Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и директорот на центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, Јосиф Балтов. Помошник командирот на ТППЕ Битола, Горан Димковски, нагласи дека оваа опрема има големо значење за ТППЕ Битола. Градоначалникот Коњановски, потенцираше дека, локалната самоуправа продолжува со поддршка во реализацијата на проектите, но и со инвестиции за подобрување на условите за пожарникарите со цел овозможување поефикасна противпожарна заштита на населението.

„Со денешната активност, конкретно ТППЕ Битола, добива по 32 комплети интервентни заштитни одела, чизми, ракавици и 32 парчиња интервентни заштитни шлемови. На овој начин, се овозможува соодветна заштита на нашите пожарникари при нивните интервенции, што е многу важно при процесот на работа и делување, пред се за поголема безбедност и заштита, а со тоа и за брза интервенција.

Покрај проектот кој го имплементира Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, како локална самоуправа, насочени сме и кон создавање на соодветни услови за работа на противпожарната единица, преку изградба на нов Противпожарен Дом во АРМ со површина на градбата од 1495 метри квадратни. Основниот проект е изготвен и истиот предвидува содржина по правилник од 12 фази, меѓу кои се фазите: архитектура, градежно конструктивен проект, водовод и канализација, машински инсталации, електротехнички проект, сообраќаен проект, партерно уредување, како и соодветните елаборати кои се однесуваат на оваа градба, а се предвидени со законската регулатива. Во моментот, проектот е во фаза на ревизија, а за досегашната постапка на изработка на основниот проект, општината согласно склучениот договор и програмата за економски развој, од општинскиот буџет издвои 1.298.500 денари. Со развојната програма на општина Битола, за изведба на терен, предвидени се 30.750.000 денари. Изградбата на новата противпожарна зграда е еден од капиталните проекти кои ги планиравме со нашата програма и веќе работиме на реализација на истиот“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Во рамките на денешниот настан, беа презентирани и другите активности на проектот „SOLVE“.