„НУТРИ ЗОНА“ НА БИТ ФЕСТ

„НУТРИ ЗОНА“ НА БИТ ФЕСТ

Во организација на битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“, во културниот центар „Магаза“ во Битола, се одржа завршен настан на нутриционистичко здравствената кампања на Здружението „Нутри зона“, збогатен и со едукативна работилница за најмладите. Организатор на активностите кои се реализираат како дел од нутриционистичко здравствената едукација е Здружението „Нутри зона“. „Живееме во време кога многу ни е важен надворешниот изглед, најпрво за самите да си се допаднеме себеси, а потоа и за да оставиме добар впечаток во комуникацијата со другите. Обземени од таа желба за убаво тело, здрава кожа, нокти и слично, а со помош и на технологијата од каде сѐ е достапно, луѓето често се решаваат да прифатат одреден режим на исхрана со кој ќе ја постигнат саканата цел.  Здравата исхрана е тренд кај одредена популација, но факт е и дека голем број на луѓе сеуште многу неправилно се хранат. На оние кои внимаваат, најчесо целта им е подобрување на надворешниот изглед или подобра здравствена состојба, а наша цел и задача е подигнување на свеста на цела популација за важноста од здравата исхрана, со што би се превенирале болести и би се намалила зачестеноста на хронични незаразни заболувања, како што се кардиоваскуларните заболувања и дијабетот. Достапни се разни начини на исхрана, диети и слично, што можеби доведува и до забуна за тоа што е правилно, која е правилна и здрава исхрана“, изјави Билјана Марковска, дипломиран нутриционист, претседател на Здружението „Нутри зона“, која во својата презентација главен акцент стави на здравата и балансирана исхрана. На настанот на тема ,,Состав и нутритивни својства на водата“, говореше Професор Валентина Павлова, а за ,,Значењето и придобивките од водата“Професор Тaтјана Блажевска, професорки од технолошко – техничкиот факултет, отсек за нутриционизам. „Нашиот став за здравата исхрана е дека таа треба да биде разновидна, балансирана и умерена. Физичката активност заедно со внесот на доволно количество вода, имаат исто толку важно место како правилната исхрана. Спортувањето, или интензивното пешачење од најмалку 30 минути дневно со брзина од 7 км/час (како кога доцниме некаде) значително ја подобруваат здравствената состојба, но и расположението. И секако, водата е она што не смееме да го изоставиме. Осум чаши вода е количината која секој треба да ја испие во текот на денот, а за време на зголемена физичка активност и повеќе. Со тоа се овозможува правилна функција на телото. Започнете со позитивни промени веднаш, зашто храната може да биде најсилен лек или слаб и бавен отров. Сами решаваме што ќе избереме“, порача Марковска на вчерашната трибина на БИТ ФЕСТ. На настанот беше овозможено и мерење и одредување на сите важни параметри кои ја отсликуваат состојбата на организмот, која е особено важна за активно и продуктивно делување во сите сфери на општественото живеење.