Територијалната противпожарна единица од Битола возниот парк го збогати со ново противпожарно возило, кое покрај зголемувањето на бројот на возила, ќе понуди побрза и поквалитетна услуга на терен.
„На почетокот од оваа календарска година во противпожарната единица пристигна ново возило после една деценија, во единица во која просечната старост на возилата е над 30 години. Цената на возилото е 97.000 евра, а оваа набавка е надополнување на минатогодишната активност, кога беше набавена опрема во вредност од 60.000 евра, или вкупно во овие две години досега имаме влог од 157.000 евра за создавање на подобри услови за самите пожарникари, како гаранција за нивната безбедност, но и гаранција за безбедноста на граѓаните. Оваа единица е исклучително значалјна, затоа што ја покрива Општина Битола, но и општините Могила и Новаци, а кога има потреба, интервенциите ги упатуваме и кон Општина Ресен. Она што го започнавме во овие две години ќе продолжи и понатаму, а она што ветивме ќе го реализираме до крајот на овој мандат“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Таа истакна дека покрај вложувањето во опремата, паралелно се вложува и во човечкиот потенцијал, така што се дадени согласности за 15 нови вработувања. Петровска посочи дека во тек е легализацијата на објектот на ТППЕ Битола, за кој досега воопшто не била покрената процедура, а по легализирањето, ќе бидат преземени инфраструктурни зафати во внатрешноста.
„Возилото е марка Ивеко, со надоградба од нископритисна пумпа и хидраулична пумпа. Возилото ќе биде наменето за интервенции во урбани средини и во места каде што имаме тесен простор на движење. Тоа му дава можност на пожарникарот да избира неколку опции на гаснење, дали ќе гасне со вода или со пена, а со него се подобрува и капацитетот на единицата“, рече командирот на ТППЕ Битола, Костадин Поповски.
„Ги следиме барањата на општините и во координација со нив го подобруваме животот на граѓаните во Пелагонискиот регион. Денес го промовираме ова противпожарно возило, за кое 3.300.000 денари се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен регионален развој, а останатиот дел, над 2.700.000 денари се кофинансирање од општината, што е виден показател за посветеноста на градоначалничката и општината во решавањето на овие важни делови, за подобрување на капацитетите на противпожарните единици“, истакна раководителот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, Гого Видимче.
Тероторијалната противпожарна единица во Битола располага со 10 противпожарни возила.