Јавното претпријатие „Пазари“, во делот на активностите на подобрувањето на условите во градскиот пазар, осовремени уште еден дел, кој се наоѓа во непосредна близина на Кам маркетот. Во текот на вчерашниот ден (недела), кога е намалена фреквентноста и на продавачите и на купувачите, екипи ангажирани од ова јавно претпријатие, работеа на поставување на настрешница.
Директорот на јавното претпријатие „Пазари“ Александар Касапов, објасни дека главната цел е да се оттргнат најлоните со кои се покриваа тезгите на оваа површина од пазарот, во делот пред сирењарата. На челичната конструкција ќе бидат поставени платнени тенди, со кои освен посоодветна заштита за продавачите и купувачите, ќе се тргне и лошата слика на висење на најлоните врз главите на посетителите на пазарот.
Јавното претпријатие „Пазари“ во изминатиот период направи неколку корекции во водоводната и канализационата мрежа во градскиот пазар, а по воведената пракса на редовни средби со пазарџиите и купувачите, раководството се обидува да им излезе во пресрет на нивните барања. Пред извесен период беше отстранет тампон во еден дел од пазарот, кој беше поставен пред повеќе од три години. По санирањето на тампонот, се реновираа околните скали, а беше поставена и пристапна рампа за инвалидски колички. За наредниот период предвидени се две поголеми активности, кои ќе се спроведат по завршувањето на соодветните претходни законски процедури.