НОВИ РЕКОНСТРУКТИВНИ ЗАФАТИ ВО ТЕХНИЧКОТО УЧИЛИШТЕ

НОВИ РЕКОНСТРУКТИВНИ ЗАФАТИ ВО ТЕХНИЧКОТО УЧИЛИШТЕ

Со над 560.000 денари од буџетот на Општина Битола, се работи на санација на дел од санитарните јазли во СОТУ „Ѓорѓи Наумов“.

Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, заедно со директорот на училиштето Владимир Роме, извршија увид во работните активности на терен. Констатираа дека санацијата е повеќе од потребна, бидејќи тука не било инвестирано речиси 30 години. Во овој дел се работи на обновување на санитарните јазли, се поставуваат нови тоалети и се санира целосниот ентериер со нови плочки и дополнителна опрема. На овој начин се решава уште еден од горливите проблеми во техничкото училиште во Битола.

Паралелно, на денешната 54 седница на Советот на Општина Битола, e одобрена донацијата, која минатата година беше договорена од страна на градоначалничката Петровска и генералниот конзул на Република Бугарија Димитар Иванов. Со грант во вредност од 133.000 евра доделени од Министерството за надворешни работи на Република Бугарија и со кофинансирање од страна на Општина Битола во вредност од 1.660.500 денари (27.000 евра), ќе се реконструира  покривот и комплетната дограма во Техничкото училиште во Битола.

Со овие градежни активности, уште еднаш практично се покажува основната заложба на градоначалничката, за уредување и санација на образовните институции во Општина Битола, затоа што децата мора да учат во училишта со чисти и обновени училници и со исполнети основни услови за лична хигиена.