Преку проект на УСАИД, средното оштинско земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ доби нова комплетна дограма. Со 101 парче надворешна алуминиумска столарија, беа заменети досегашните прозорци. Учеството на УСАИД во проектот е во вредност од 1.335.047 денари.
Општина Битола партиципираше и во овој проект за реновирање на едно од битолските училишта. Градоначалничката Наташа Петровска, при увидот во градежните работи во средното земјоделско училиште, посочи дека во дел од училниците, каде што не било доволно постоечкото греење, општината, покрај предвидените средства за овој проект, донирала и нови радијатори, со што е постигната соодветна температура за квалитетно одржување на наставата.
Општина Битола со 175.600 денари, учествуваше во санација на оштетувањата околу прозорците, настанати при демонтажата на постоечките прозорци, со изведувачот Дон Хаус од Скопје.
Раководството на училиштето посочи дека овој објект е еден од најстарите во градот во кој се изведува настава и се потребни многу инвестиции за да се средат комплетно сите училници. Исто така, од училиштето ги најавија новите проектни активности за наредниот период.