НАД 2372 МЕТРИ КВАДРАТНИ ЗА ПРВПАТ АСФАЛТИРАНИ ВО ДОЛНО ОРИЗАРИ

НАД 2372 МЕТРИ КВАДРАТНИ ЗА ПРВПАТ АСФАЛТИРАНИ ВО ДОЛНО ОРИЗАРИ

Седум улици во Долно Оризари за првпат добиваат асфалт. Пет се веќе завршени, а за две постапката е во тек. Градоначалничката на Општина Битола, денес на терен изврши увид во градежните активности во ова населено место, каде со инвестиција на Општина Битола, преку проектот за подобрување на општинските услуги со поддршка на проектната единица на Светска банка во Министерството за финансии, изградени се 5 улици во вредност од 3 519 265 денари. Изградбата на коловоз следуваше после завршените градежни работи од страна на ЈП Водовод и ЈКП Нискоградба во вкупна вредност од 809 000 денари. Во моментотв завршува и поставувањето на бехатон плочки во овој дел на површина од 300 метри² со вкупна вредност од 300 000 денари. Пред отпочнување, е постапката за уште две улици, проект кој го реализира Општина Битола, а чие администрирање се врши преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.

Со реализацијата на споменатите активности и проекти, Општина Битола, во моментот, во Долно Оризари инвестира вкупно 6 439 565 денари.

„2372 и нешто повеќе метри квадратни, покриена кал во населбата Долно Оризари. Претходно работни активности имаа јавните претпријатија Нискоградба и Водовод, потоа следуваа асфалтните поставувања, но и на бехатон плочки во еден крак во една од улиците. Потрошени се 4,6 милиони денари досега, но она што е најважно, ќе нагласам дека во досегашниот зафат овде покривме кал повеќе од 2370 м². Она што за мене е најзначајно е радоста на децата која што ја гледам тука, кога во двата наврати ги видов работните активности како се одвиваат. Следуваат два нови краци кои што треба да ги изведиме во висина од 1,8 милиони денари. Во делот кај училиштето веќе имаме проектна документација за уште три краци, се подготвува проектна документација за останати улици што значи за скоро време целата оваа населба треба да добие многу поинаков изглед. Има уште многу да се направи, но битно е дали работите се поместуваат и дали успевате да создадете насмевка плус помеѓу нашите граѓани“, изјави Градоначалникот на Општина Битола, м-р Наташа Петровска при денешниот увид во градежните активности на терен.

Радоста и насмевките најмногу ги покажуваа најмладите, додека повозрасните жители зборуваа за бенефитите, кои се големи и повеќекратни:

„Задоволни сме од она што го сторивте за нас. Навистина живеевме во тешки услови, ние Ви сме бескрајно благодарни, зошто навистина ни дадовте нови норми, нови услови за живот, што мислам дека ќе го подобрат нашиот живот и се надеваме дека нашите деца и нашите поколенија ќе живеат на ова место каде што дојдовме да живееме за подобри услови. Иако толку блиску бевме до градот, овој благодет досега го немавме“, изјави Рубинчо Јовчевски, жител на селото Долно Оризари.

Градежни активности, повторно како поттик за младите и развој на нивниот спортски дух, се одвиваат и на друга локација. Градоначалничката Петровска изврши увид и во дворот на основното училиште Свети Кирил и Методиј, каде што во завршна фаза е реализацијата на проектот: рехабилитација на спортски терен со вкупна инвестиција од 2.000.000 денари.