Интегрален текст од прес конференцијата на Градоначалникот Тони Коњановски
Почитувани претставници на медиумите,
Денешната прес конференција ја закажав со цел да Ве информирам, дека повторно на централно ниво се потврди, тоа на што предупредував уште пред одржувањето на седницата на Советот за ребалансот на буџетот. Буџетот усвоен од Советот е спротивен на Законот и не може да биде вчитан од Секторот трезор при Министерството за финансии.
Ќе напоменам дека, како градоначалник, во досегашното водење на локалната самоуправа, предлозите кои ги доставувам до Советот, имаат за цел: успешна реализација на започнатите проекти и започнување нови проекти, кои се неопходни за Битола и за кои општината има планирани буџетски средства за реализација. Со ваквиот начин на работа, општината е во одлична финансиска состојба со исплатени обврски кон сите економски оператори, согласно склучените договори, а моментално општинската сметка располага со 180 милиони денари, што е уште една потврда за позитивната насока во која се одвива работењето на ова раководство на Општина Битола.
И покрај ваквиот начин на работа, мојот предлог ребаланс на буџетот, со кој планиравме пренамена на средства и реализација на повеќе проекти, од страна на Советот беше дополнет со нови амандмани, поради што беше надмината дозволената буџетска рамка. Тоа се потврди и со денешното известување, потпишано од заменик министерот Филип Николоски, во кое се наведува дека согласно став 4 од член 22 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, измените и дополнувањата на Буџетот не се вчитуваат во трезорот на Министерството за финансии, доколку се донесени од Советот на општината, спротивно од одредбите од ставовите на овој член.
Ова беше ситуација на која алармиравме јас и општинската администрација пред седницата и за време на седницата, но сепак беше усвоен ребаланс, со кој за жал повторно губиме време низ институционално докажување, наместо непречена работа на терен
На седницата на 11 јули, потенцирав дека: Секој амандман може да биде прифатен, доколку не ја надминува буџетската рамка и не го кочи вчитувањето на буџетот.
Денес, повторно, сакам да повикам на разумност и конструктивност на сите советници во Советот и делување во интерес на граѓаните и на нашата општина, наспроти досегашните блокади, кои произлегоа од одредени одлуки на Советот.
Посебно, очекувам рационално делување на носителот на највисоката функција во Советот, кој треба да воспостави координација на советничките групи и да придонесе за надминување на секое политиканство, кое не носи ништо добро за општината.
Верувам дека покрај опомената од Министерството за локална самоуправа, известувањето од Министерството за финансии, дополнително ќе влијае, во понатамошниот период, одлуките да ги донесуваме заеднички, односно со меѓусебна соработка, координираност и конструктивност, каде ќе продолжиме да работиме според приоритетите на граѓаните, а не водени од сопствени партиски интереси.