МИНИСТЕРКАТА АПОСТОЛСКА ВО БИТОЛА ГИ ПРЕТСТАВИ МЕРКИТЕ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ИНВЕСТИЦИИ

МИНИСТЕРКАТА АПОСТОЛСКА ВО БИТОЛА ГИ ПРЕТСТАВИ МЕРКИТЕ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ИНВЕСТИЦИИ

Министерката без ресор во Владата на Република Македонија, задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, денеска ја посети Општина Битола, каде оствари средба со Градоначалничката м-р Наташа Петровска, како и со претставници од регионалната стопанска комора. На средбата, на која се разговараше за можноста за привлекување на странски инвестиции, градоначалничката Петровска ја запозна министерката Апостолска, за можностите кои што ги нуди Општина Битола за странските инвеститори, од аспект на градежни парцели и инфраструктура, во Индустриската зона „Жабени“, но и во останатиот дел, во поранешниот индустриски дел на градот. Министерката претстави дел од мерките кои ги нуди Владата на Република Македонија. „Денешната средба е само уште една потврда дека централната власт, сериозно гледа на Општина Битола, како на општина на која треба да и се дадат шансите за да бизнисот, едноставно заживее. Можностите кои ги нудат со низата пакети кои Владата ги донесла и допрва ќе ги носи, всушност се нешто за што треба да бидат информирани соодветно и навремено, сите инстанци, а во случајов, најбитно е тоа да биде бизнис заедницата. Токму затоа, денес ја одржуваме оваа средба и јас длабоко верувам дека ќе имаме дополнителни информации којшто ќе значат, за развојот на нивните бизниси“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска. Пред стопанствениците од регионалната стопанска комора беа претставени мерките на Владата за финансиска поддршка на инвестиции, со посебен акцент на соработката на домашните и странските компании. „Поводот за денешната средба е донесувањето на новиот закон за финансиска поддршка на инвестирања, да ги споделиме деталите околу можностите за финансирање, финансиските субвенции кои што е подготвена Владата да ги дава, односно да ги субвенционира компаниите и во детали да дадеме можност на компаниите кои денеска се присутни за соодветни појаснувања на определени прашања, се со цел да бидат детално запознати и соодветно на тоа, да можат да аплицираат за таа помош“, изјави Министерката без ресор, задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, при денешната посета на Битола.