МЕЃУНАРОДEН ДЕН НА РУРАЛНАТА ЖЕНА

МЕЃУНАРОДEН ДЕН НА РУРАЛНАТА ЖЕНА

Подобрување на здравствената заштита и социјалната заштита на руралните жени, подобрување на инфраструктурата во руралните средини, вклучувајќи пристап до амбуланти, пензиско осигурување, боледување и породилно отсуство, како и поголема промоција на Програмата за социјална сигурност на регистрираните жени земјоделки, е еден од клучните заклучоци што произлезе од денешната панел-дискусија „Родовата еднаквост на руралните жени: Подобрување на економскиот статус“, што беше одржана по повод Меѓународниот ден на руралните жени.

На настанот присуствуваа и се обратија претсдателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова, министерот за земјоделство, шпумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, Микаел Атерхог од Шведската амбасада, Сашо Ангеловски, регионален директор на шведската организација We Effect, Краин Рау менаџерка на проектот, Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, како и градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски..

„Руралната жена е активна и динамично вклучена во многу процеси. Покрај семејството, таа во денешно време се грижи и за бизнисот, агротуризмот, екологијата, учествува во донесувањето на одлуки, носи напредок во економијата. Оттука, трибината која што денес е во фокусот: „Родовата еднаквост на руралните жени: Подобрување на економскиот статус” е од особено значење, затоа што мора да и се даде многу поголема поддршка на руралната жена да верува во своите чекори за напредок на бизнисот, а најдобар начин за тоа е да биде соодветно бодувана и платена. Соодветно, да и се овозможат сите потребни надоместоци, согласно законските обврски како и на секоја вработена жена, во однос на стаж, здравствено и пензиско осигурување. Мора да се почитува нејзиниот значаен придонес во секој сегмент од руралното живеење.

Општина Битола има 65 села, со околу 16.000 жители, во 5180 домаќинства. Во најголемиот дел од нив, столбови се руралните жени. Драго ми е што денес овде, сите заедно се залагаме за нивна поголема поддршка и што на најуспешните ќе им бидат дадени соодветни признанија. Посакувам уште поголеми успеси на руралната жена – невидливата потпора и сила на селото“, истакна градоначалникот Коњановски.

Претседателката Гордана Силјановска – Давкова, упати благодарност до руралните жени, нагласувајќи дека тие се столб на земјоделитето и оти без нив ќе нема деца и ќе нема храна, што е од најголемо стратешко значење за оваа земја.

Микаел Атерхог, раководител за развојна соработка во Амбасадата на Шведска во Северна Македонија, во името на Шведска, ја поздрави одлуката на Северна Македонија да усвои програма за платено породилно отсуство за регистрирани жени земјоделци, посочувајќи дека потребно е да се продолжи со заложби за политики кои ќе го поддржат економското јакнење на руралните жени, ќе обезбедат еднаков пристап до ресурсите и ќе ги елиминираат пречките кои ја одржуваат родовата нееднаквост.

Во рамки на панел-дискусијата, што се одржа на настанот што Националната федерација на фармери (НФФ), со поддршка на Шведската организација за развој „We Effect“,го организира по 17ти-пат, пред околу 200-те присутни членки, беше поентирано дека потребно е подобрување на статистичката видливост на руралните жени во националните податоци за да се овозможи подобро креирање политики.