МАЖОРЕТКИТЕ ОД ХЕРЦЕГ НОВИ ЈА НАЈАВИЈА ПРОЛЕТТА ВО БИТОЛА

МАЖОРЕТКИТЕ ОД ХЕРЦЕГ НОВИ ЈА НАЈАВИЈА ПРОЛЕТТА ВО БИТОЛА

Со мажоретки, во придружба на градскиот оркестар и кловнови од градот Херцег Нови, Црна Гора, во Битола се одржа дефиле во чест на Празникот на мимозите. Дефилето се одржа на Широк Сокак, а учесниците на битолчани, кои ги омаше во огромен број, им подарија свежи мимози, со што го најавија доаѓањето на пролетта.

„Културната програма посветена на празникот на мимозите која секоја година се изведува во збратимениот град Херцег Нови, се претставува и во нашата Битола. Овој настан е уште една потврда на соработката која што беше интезивирана минатата година. Ова е соработка помеѓу два збратимена градови во кои останал духот на пријателството и за кои постојат многу полиња во кои можеме да соработуваме, посебно во областа на културата“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Годинава Празникот на мимозите ќе започне на 14 февруари, со бројни настани кои се одржуваат во Херцег Нови.

„За 51. празник на мимозите имаме голема културна понуда и очекуваме со обновувањето на соработката меѓу Битола и Херцег Нови, да се зајакне тоа што е направено во 1965 година кога тие беа збратимени. Овој собир на среќни луѓе, многу цвеќе и музика е отворена покана за празникот на мимозите во Херцег Нови“, истакна Тамара Вујовиќ, советник во Општина Херцег Нови.

На дефилето присуствуваше и почесниот конзул на Црна Гора во РС Македонија со седиште во Битола, Миодраг Андријашевиќ, кој потенцираше дека културните настани се една од најдобрите можности за директна соработка на двата братски градови, збратимени во 60-тите години од минатиот век. На дефилето присуствуваше и заменик министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска, која истакна дека МОН е секогаш подготвено продлабичување на соработката од областа на образованието.