Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денеска одржа состанок на Локалниот совет за превенција на општина Битола. На состанокот беа разгледани повеќе точки, во врска со кои беа донесени заклучоци и идни координативни активности за надминување на постоечките проблеми.
Во однос на точката поврзана со ситуацијата со деца и возрасни лица кои просат на Широк Сокак и во рестораните, од страна на СВР Битола, беше потенцирано дека Центарот за социјална работа, треба да преземе соодветни мерки, од причина што полицијата има надлежност да постапува само во случаите со возрасни лица. Исто така, беше потенциран и предлог за соработка со социјалните служби и невладини организации за поддршка на овие лица.
Во врска со проблемот со лица под дејство на алкохол на Широк Сокак, од страна на градоначалникот, беше даден предлог за засилено патролирање и контролирање на јавниот ред и мир.
Исто така, беше разгледана и состојбата со присуство на велосипедисти, но и шетањето на миленици низ Широк Сокак, за што особено е важно почитувањето на Законот за јавна чистота, додека законските измени значително ја намалуваат можноста за постапување на полицијата во одредени случаи поврзани со домашните миленици.
Во врска со предлог мерките за зголемената безбедност на туристите и локалното население, од страна на СВР Битола беше потенцирано дека, преземените мерки веќе даваат резултати.
Од страна на градоначалникот, беше отворено и прашањето за непрописното паркирање, особено узурпацијата на тротоарите, како и потребата за соодветно делување. Покрај координативните активности со Јавното претпријатие за паркирање, на состанокот беше испратен и апел до граѓаните, во периодот додека траат интензивните градежни активности, да се намали користењето на возилата, освен во случаите кога е неопходно, со цел да не се прави застој во сообраќајот, да се зголеми безбедноста на пешаците, а инфраструктурните активности да се одвиваат непречено.
Како последна точка се разгледуваше состојбата со пожарите, за што командирот на ТППЕ Битола, Горан Димковски, нагласи дека досегашното искуство покажа дека предизвикувач на пожарите е човечки фактор, а цел е борова шума. Во овој дел се разговараше за можноста за активирање на мобилни патроли кои ќе ја контролираат состојбата на теренот.
Сите донесени заклучоци, се однесуваа на дополнителни мерки кои во заедничка координација ќе бидат преземени во периодот што следува, согласно законската регулатива и надлежностите на институциите.