ЛОКАЛНА ВКЛУЧЕНОСТ ЗА ПОЧИСТ БАИР

ЛОКАЛНА ВКЛУЧЕНОСТ ЗА ПОЧИСТ БАИР

Градоначалничката Наташа Петровска во населбата Баир ја посети улицата „Козјак“, каде на терен, со претставници од УНДП и директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Богоевски, се сретнаа со лицата ангажирани преку проектот „Креирање можности за работа на сите – Главна фаза”.

Имено, четирите лица (од Ромска националност) се ангажирани во тимовите за дезинфекција на јавните објекти и јавните површини во градот во рамките на ЈП „Комуналец“, како и во делот на грижа за чистотата и средување на јавните површини.

Локалното население потенцираше дека овој дел од населбата Баир, никогаш не бил почист од сега, ѓубрето и депониите се минато, а околните обраснати треви и несреденост веќе не се карактеристичен белег за изгледот на улицата „Козјак“.

Градоачалничката Наташа Петровска посочи дека формулата за успех е секогаш во активностите да биде вклучено и локалното население, кое најдобро ги познава проблемите на жителите, а истовремено, заеднички, поттикнува на поголема грижа за колективната средина на живеење. Таа рече дека ваквите активности ќе се реализираат и понатаму, од улица во улица, опфаќајќи сè поголеми делови од оваа населба.

Во рамките на реализација на проектот, екипа на УНДП на терен ги регистрираше активностите заедно со градоначалничката Петровска. Општина Битола е дел од програмата за финансиска поддршка на невработено лице  вклучено во активности, каде партенр е УНДП, кој обезбедува поддршка во рамките на мерката 6.2 Јавни Работи – СДЦ Компонента  преку проектот и поддршка на Владата во спроведување на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување  и услуги на пазарот на труд за 2020 година.