ЛИЦЕНЦИРАНИ НЕГУВАТЕЛИ ЗА ПОДДРШКА НА СТАРИ ЛИЦА И ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВО БИТОЛА

ЛИЦЕНЦИРАНИ НЕГУВАТЕЛИ ЗА ПОДДРШКА НА СТАРИ ЛИЦА И ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВО БИТОЛА

Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, по повод 17 март – Денот на Црвениот крст на РСМ и Денот на крводарителството, ја посети Општинската организација на Црвениот крст од Битола, која е особено значаен парнер на општината при реализацијата на голем број проекти.

Еден од тие проекти, кој за прв пат се реализира во градот со средства од Општина Битола во висина од 450.000 денари преку програмата за социјална заштита, е обуката за негуватели за помош на стари лица и лица со попреченост, во Црвениот крст Битола.

„Обуката трае вкупно три месеци, со теоретски и практичен дел. По обуката, која веќе е на половина од реализацијата, 15 лица се стекнуваат со сертификат, кои што преку Црвениот Крст како испорачувач на услугата, понатаму ќе даваат услуги на лицата кои што ќе имаат одредена потреба. Негувателите ќе бидат соодветно и препознатливо облечени, сертифицирани и опремени со медицински помагала, како апарати за мерење шеќер, притисок, прва помош итн“, рече претседателката на ОО на Црвен крст Битола д-р Лилјана Ристевска.

Градоначалничката Петровска посочи дека оваа општинска иницијатива ќе даде голем повратен ефект во заедницата, особено за време на присуството на КОВИД-19.

„Предвидено е околу 60 лица во Општина Битола да ја користат помошта од лиценцираните негуватели, со што ќе има намалување на нивно присуството во здравствените институции и во Центарот за социјални работи. Негувателите ќе им дадат помош и на старите лица, или лицата со попреченост, онаму каде што нема кој да им даде домашна поддршка, при соодветна терапија или друга потреба“, рече градоначалничката Петровска.

Претседателката Ристевска на средбата по повод Денот на Црвениот крст и Денот на крводарителите и додели благодарница на градоначалничката Петровска како крводарител и поддржувач на акциите за крводарителство.