Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, вечерва одржа координативен состанок со сите претставници на општинскиот штаб за заштита и спасување. На работната средба присуствуваа заменик командирот на ТППЕ Битола, Горан Димковски, претставници на јавните претпријатија, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, здравствените установи, СВР Битола, ОО Црвен крст Битола, како и секретарот на општината, Претседателката на Советот, Габриела Илиевска и координаторите на советничките групи од Советот на општина Битола.
На состанокот, се информираше дека, пожарот е делумно локализиран и нема опасност од негово ширење кон градот и населените места. Сите потребни ресурси за пожарникарите и останатите вклучени во борбата со огнената стихија се обезбедени и има доволна количина на храна и вода. Општина Битола изразува посебна благодарност до сите правни и физички лица кои понудија помош со достава на вода, но општината апелира доколку некој сака да помогне на било каков начин, истото да го направи во координација со кризниот штаб на телефонскиот број 070303725 и 071313275.
Сите ангажирани противпожарни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта.