Општина Битола, балканскиот фонд БЦЦ, Универзитетот „Марин Барлети“ од Албанија и албанскиот Институт Адриапол, денес во општина Битола потпишаа меморандум за соработка. Со потпишувањето на овој документ се придонесува за градење на силни партнерства кои во понатамошниот период ќе дадат големи резултати при креирање на заеднички проекти и нивна поддршка од Европски и други фондови.
„Се работи за едно регионално поврзување кое што ќе се однесува на креативните индустрии и енергетската ефикасност. Потпишувањето на Меморандумот за соработка ќе значи пат за идни конкретни проекти. Ценам дека, измената и на првиот човек на регионот од страната на Албанија, кој исто така, денеска е со нас, се добри предуслови за идна плодна соработка“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Со потпишувањето на овој меморандум се придонесува за регионално поврзување, што пак овозможува градење на силни капацитети, создавање на нови партнерства и меѓународна поддршка на проектите на локалната самоуправа.
Меморандумот во Битола, освен градоначалникот Владимир Талески го потпишаа и Адриатик Дудај директор на Инстутот за креативни индустрии Адриапол, директорот на БЦЦ Димитар Николовски-Таки и претставник на Универзитетот „Марин Барлети“.
„Новоформираната регионална мрежа во овој момент вклучува 18 општини од Албанија и 5 градови од Македонија, но ќе бидат вмрежени и градови од Грција и на тој начин ќе можеме да понудиме проекти кои ќе ги користат околу еден милион граѓани кои живеат во овој регион. Поддршката од европските фондови е реална и очекуваме конкретни и креативни идеи, изјави гостинот од Албанија, Адриатик Дудај, директор на Институтот Адриапол.
Балканската мрежа БЦЦ (Balkan Cinema City’s) чиј претседател е битолчанецот Димитар Николовски-Таки во текот на годината поддржа три регионални проекти, а во наредниот период директно ќе помога во идејата за обединување на регионите и ресурсите кои овозможуваат побрз развој.
„Во оваа смисла, како институција, која се грижи за еден дел од креативните индустрии, бевме поканети и ние со она што можеме да го развиваме, да помогнеме на оваа идеја и таа да се реализира што побрзо, а идејата е обединување на регионите, обединување на одредени ресурси кои можат да обезбедат побрз развој, особено во сегменти кои се битни за овие региони, а тоа се енергетската ефикасност, енергетиката генерално. Битола има огромни потенцијали со оглед на тоа дека тука ќе бидат првите инфраструктурни проекти од гасификација и топлификација. Од друга страна, ги имаме регионите во Албанија кои се во овој момент лидери на Западен Балкан по однос на привлекување странски инвестиции и се разбира, BCC, кој веќе има 7 градови кои активно учествуваат во промоција на филмската индустрија, како посебен сектор на креативните индустрии, изјави Николовски, нагласувајќи дека во овој период БЦЦ ги поддржа и заврши проектите „Броукен“ копродукција меѓу Албанија, Италија, Грција и Македонија, потоа проектот „Балканска хармонија“ документарец посветен на Теодосиј Спасов и Влатко Стефановски и проектот „Болката останува“, краток филм во македонско-бугарска продукција кои очекуваме да имаат фестивалски изведби“, изјави Николов.
Како филмски град и член на мрежата на креативни градови на УНЕСКО, Битола со потпишувањето на овој меморандум, набрзо очекува реализација на конкретни големи проекти.