КООРДИНИРАНО ДЕЛУВАЊЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ И ОПШТИНА БИТОЛА

КООРДИНИРАНО ДЕЛУВАЊЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ И ОПШТИНА БИТОЛА

Покрај локалното делување на работната група за спроведување на мерки за превенција-болест COVID 19 (корона вирус) на Општина Битола од почетокот на оваа недела, со засилените мерки, препораки и преземени активности во однос на сообраќајот и зголемената хигиена во сите општински установи, Општина Битола координирано е во соработка со сите институции во градот кои имаат одредена надлежност и поврзаност со активностите поврзани со COVID 19, односно корона вирусот.

Во постојан контакт и со одредени насоки за координирано делување  се градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, директорката на Клиничка болница Битола Билјана Гагачова, директорката на Центарот за јавно здравје Елизабета Крстева и директорката на Домот за народно здравје „Хаим Абраванел“, Весна Спирковска. Во координираните активности се вклучени и други институции, надлежни за безбедноста во градот.

Во меѓувреме, општината уште еднаш апелира до граѓаните да ги почитуваат сите препораки и законски обврски дадени од страна на Владата на Република Северна Македонија, кои секојдневно ги пренесува министерот за здравство Венко Филипче. Среќна околност е што тестираното лице од Битола е негативно, но во овој период мора многу да се внимава и сите заедно, одговорно да се однесуваме.

Воедно, општината упатува апел и до сите добронамерници, да не настапуваат волунтаристички, односно неорганизирано и да не ја искористуваат ваквата состојба за популизам.

За секоја новонастаната состојба, или други преземени мерки од страна на Општина Битола, граѓаните ќе бидат навремено известени.