Функционирањето на зимската служба во претстојниот период мора да биде целосно, непречено и навремено.
Во оваа насока, а со цел понатамошно координирано исполнување на обврските од сите задолжени субјекти, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, на денешната работна средба со зимската служба, разговараше за проблемите кои се појавија при интервенцијата на задолжените служби, за време на првите снежни врнежи, динамиката на расчистување, како и мерките кои треба да се преземат со цел ефикасно и ефективно делување во понтамошниот период.
На состанокот присуствуваа претставници на јавните претпријатија Водовод, Нискоградба Комуналец, Паркинзи, Стрежево, Македонија пат, како и претставници на МВР, Центар за управување со кризи, Дирекција за заштита и спасување.
Од добиените информации, констатирано е дека КЈП Нискоградба, во вторникот, вршеше расчистување со три посипувачи на улиците согласно приоритетот дефиниран во Програмата за организирање и функционирање на зимска служба на подрачјето на општина Битола за сезоната 2021/2022 година, при што потрошени беа 54 тони сол и 48 метри кубни ризла. Употребени беа пет машини со нож за чистење снег и три помали машини. ЈП Комуналец кој е задолжен за чистење на тротоарите своите активности ги заврши околу 14 часот истиот ден.
На денешниот работен состанок, градоначалникот Коњановски, потенцираше дека координативното тело, мора постојано да ја следи состојбата и од страна на екипите да се делува веднаш, согласно потребите на теренот.