Во тек се реконструктивните активности во гимназијата „Јосип Броз Тито“ на сите три катови, со што за кратко време, комплетно ќе биде променета внатрешноста на една од најрепрезентативните згради во Битола, овозможувајќи им на учениците и наставниците нови и современи услови за изведување на наставнот процес.
Со 10.547.979 денари, комплетно се врши замена на дрвената надворешна столарија, замена на електричната инсталација, спуштање на таваните и поставување на ново лед осветлување, ѕидовите се обложуваат со нов малтер, се врши санација на подовите во училниците, а во ходниците се поставува нов под од плочки.
Градоначалничката Наташа Петровска ја посети гимназијата „Јосип Броз Тито“ и беше запозната со рекот на реконструктивните зафати. Директорката на гимназијата Фанија Наумовска посочи дека ваков голем зафат во внатрешноста на училиштето не е направен повеќе децении наназад.
Паралелно со реконструкцијата, набавена е нова ИКТ опрема во вредност од 2.848.242 денари, која содржи лап-топ компјутери за наставниот кадар и нова опрема за кабинетот по информатика, која ќе биде поставена по реконструкцијата на училиштето.
Претходно, со средства од Општина Битола во вредност од 600.000 денари, беа набавени нови клупи и столчиња.
Градоначалничката Наташа Петровска беше дел и од Еко настанот по повод Светскиот ден на градовите, организиран од Еко одборот при СОУ „Јосип Броз Тито“, каде се вклучи во дискусијата на тема „Во каков град сакам да живеам“.