Во чест на рускиот конзул Александар Аркадиевич Ростковски и годинава кај споменикот Руски крст во Битола се одржа традиционалната манифестација „Денови на Ростковски“.
Амбасадорот на Руската федерација во земјава Сергеј Баздникин, градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, претставници на конзулатот на оваа земја, претставници на Меѓународниот Славјански Универзитет, претставници на Регионалното здружение на македонско-руско пријателство „А.А. Ростковски“, кое воедно е и организатор на настанот, положија свежо цвеќе пред споменикот.
Зачувувањето на споменот за Ростковски и одбележувањето на неговото дело во Битола е нешто што ги поврзува двата народа, при тоа зајакнувајќи го пријателството и соработката, истакнаа амбасадорот Баздникин и градоначалничката Петровска.
А.А. Ростковски бил руски конзул и служел во Битола од 1895 година. Убиен е во средината на илинденското востание на 8 август 1903 година.