ИСПЛАТЕНИ ФИНАНСИСКИТЕ ДОЛГОВИ НА ФК ПЕЛИСТЕР, ВАНЧО МИЦЕВСКИ ИЗБРАН ЗА СПОРТСКИ ДИРЕКТОР

ИСПЛАТЕНИ ФИНАНСИСКИТЕ ДОЛГОВИ НА ФК ПЕЛИСТЕР, ВАНЧО МИЦЕВСКИ ИЗБРАН ЗА СПОРТСКИ ДИРЕКТОР

Општина Битола, почна да работи на стабилизирање на Фудбалскиот клуб „Пелистер“ и создавање добра основа, буџет и управа, кои ќе придонесат за спортско издигнување на клубот. Градоначалникот на општина Битола, на денешната прес конференција информираше за реализираните постапки од новата локална самоуправа во досегашниот период, како и за активностите кои ќе следуваат.

„Тоа што го најавивме пред неколку дена, дека како општина, застануваме зад Фудбалскиот клуб „Пелистер“, веќе го реализираме.

Имајќи ја предвид затекнатата состојба, како и потребата од брзо делување, веќе ги исплативме заостанатите обврски на клубот за месеците октомври, ноември и декември 2021 година.

Со тоа, заклучно со 01.01.2022 регулирани се финансиските обврски на клубот, со цел создавање основа за понатамошно добро функционирање и подготовки за постигнување на добри резултати.

Покрај решавањето на финансиските проблеми, пристапивме и кон решавање на останатите проблеми со кои се соочува клубот.

Сакам да ја информирам јавноста, дека нов спортски директор на клубот е Ванчо Мицевски. Тука со нас се и големите фудбалски имиња, легенди на битолскиот фудбал Митко Стојковски, Тони Мицевски, Сашо Здравевски, Спасе Ристевски и Златко Цветановски, со кои во изминатиот период имавме координативни средби и состаноци на кои разговаравме за иднината на клубот, при што посебно ми е драго што ја прифатија подадената рака од Општина Битола, да дадат поддршка и да бидат дел од процесот на спортско издигнување на клубот.

Со реализираните активности, како и работата која не очекува во следниот период, очекувам дека ќе постигнеме стабилизирање на клубот, а како поддршка во таа насока очекувам коректен однос од претходните сопственици, со цел навремено и соодветно делување во интерес на застанување на клубот на „здрави нозе“ и негово комплетно опоравување од незавидната ситуација во која го затекнавме“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Ванчо Мицевски, изрази благодарност до градоначалникот и општината за големиот чекор и преземањето на ФК Пелистер во незавидна бодовна и играчка положба, како и за одлуката спортски луѓе да раководат со клубот.

„Сите знаеме дека ќе биде многу тешко, затоа што навистина заостануваме и со бодови и со време, касниме, пола екипи се веќе заминати на припреми во странство, а ние сега почнуваме да работиме. Не се откажуваме од борбата за опстанок, ќе пробаме, ќе дадеме се од себе, чесно и поштено ќе ја одиграме пролетта и во купот сме во полуфинале, максимално ќе се трудиме, чесно и поштено. Најтешкото е што прво треба да ја вратиме довербата во клубот. Прво, со финансии од општината, потоа, знаеме дека тоа е процес на градење клуб и доверба, значи ни треба еден период, каде што би ги покажале нашите резултати. Овој стадион ќе биде готов за две три години и ќе биде место каде ќе може да се играат европски натпревари, а ние во тој период од 3-4 години, мислиме да го направиме Пелистер, подготвен да се натпреварува во Европа“, изјави новиот спортски директор на клубот, Ванчо Мицевски.

Мицевски изрази верување дека, ФК Пелистер, ќе ја врати својата вистинска позиција на бренд во македонскиот фудбал, од каде и понатаму ќе излегуваат добри фудбалери. Во оваа насока, дополнително ќе работат и тренерите во школата, со цел 70% од играчите да бидат домашни, од битолската школа, а така подготвени, понатаму да бидат и носители на клубот.