Електрификацијата на градот е воведена во периодот меѓу двете светски војни, односно во 1924 год., со градба на калорична централа со еден дизел мотор. Таа била користена за градско осветлување, малку за индустријата и занаетчиството. Јачина на дизел-моторот била со сила од 354 КW. По ослободувањето се изгради термоцентрала врз база на јаглен (во 1948 год.) со јачина од 0,5 MCW и HC “Сапунчица“ (1952) со јачина од 2,5 MCW, со што состојбата со обезбедување на ел. енергија нагло се промени.
Но, со зголемувањето на потребите од електрична енергија на стопанството и градот, мораше да се бараат други извори. Во 1980 год. беше иницирана концепција за развој и експлоатација на јаглен – лигнит во рудникот Суводол. Во 1982 год. започна поизводството на првите киловатчасови кога беше пуштен во функција првиот блок од трите блокови кои денес постојат во РЕК Битола. Денес трите комплетирани блока со индивидуален капацитет од 225 MW или вкупно инсталиран капацитет од 675 MW обезбедуваат просечна годишна електрична енергија од 4.600 GWh. Рударско-енергетскиот комбинат РЕК – Битола е најголемиот електростопански објект во Македонија. Во овој комбинат се вработени 2.500 лица кои годишно одложуваат 20 милиони кубици јаловина, ископуваат 6 – 7 милиони тони лигнит. По часовите на работа на блоковите – 7.900 часови годишно, се рангира во првите десет термоелектрични централи во Европа.
Дистрибутивната мрежа се напојува главно од 400 киловолтната трафостаница поврзана со РЕК – Битола.