ИНФОРМАЦИЈА ЗА ПРЕСТОЈНАТА ПРВА ФАЗА ОД СИСТЕМСКАТА ДЕРАТИЗАЦИЈА НА ОПШТИНА БИТОЛА

ИНФОРМАЦИЈА ЗА ПРЕСТОЈНАТА ПРВА ФАЗА ОД СИСТЕМСКАТА ДЕРАТИЗАЦИЈА НА ОПШТИНА БИТОЛА

Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, а врз основа на одлуката на Советот на Општина Битола за спроведување на превентивна систематска дератизација на територијата на град Битола, како општа противепидемијска мерка, ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола, во периодот од 27.04.2020 год. до 08.05.2020 год, со свои екипи потпомогнати од КЈП „Нискоградба“ ќе спроведуваат активности на теренот, во смисол на пролетна фаза од превентивната систематска дератизација т.е.поставување на отровни мамци за уништување на глодари(глувци).

Со дератизацијата предвидено е да бидат опфатени 3800 шахти како дел од:

  • Подземниот канализационен систем со ревизионите и прифатните шахти во сите реони на градот;
  • Прифатниот канализацијски систем во околината на објекти од посебен јавен интерес: детски градинки, основни, средни и високо образовни институции, домови за сместување и престој на ученици и студенти, домови за сместување на стари и изнемоштени лица, домови за деца без родители и за деца со посебни потреби, медицински установи, јавни претпријатија, банки, објекти од областа на културата, објекти на локалната самоуправа и др.
  • Прифатниот канализациски систем на колективните стамбени објекти во горенаведените реони;
  • Дератизација на јавната депонија „Мегленци“.

Дератизацијата ќе се изведува со поставување на родентициди, парафински блокови (отровни мамци) во канализационите шахти. Мамците се од групата на синтетски антикоагуланти од втора генерација.

Активностите на теренот ќе ги спроведуваат три екипи, составени од два санитарни техничари, потпомогнати со по еден работник на КЈП „Нискоградба“. Дератизацијата ќе се изведува во канализационите шахти поставени на коловозите, тротоарите и шахтите во околина на наведените објекти. Екипите и активностите на теренот ќе бидат обележани и заштитени со знаци за предупредување на ЈЗУ ЦЈЗ Битола и КЈП „Нискоградба“.