„ИНТЕГРАЦИЈА НА ЗЕЛЕН ТРАНСПОРТ ВО ГРАДОВИТЕ“ – НАЦИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО БИТОЛА

„ИНТЕГРАЦИЈА НА ЗЕЛЕН ТРАНСПОРТ ВО ГРАДОВИТЕ“ – НАЦИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО БИТОЛА

Денес Офицерски Дом се одржа Национална Конференција во рамките на ИПА прекуграничниот проект „Интеграција на зелен транспорт во градовите“ -„Green Inter e Mobility“. Конференцијата е завршен настан на проектот во кој учествуваат општините Битола и Ресен од македонска страна, како и Лерин и Преспа од грчка страна.

На конференцијата, во своето обраќање, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, посочи дека мора да се следат чекорите поврзани со реформите во енергетскиот систем.

„Од минатата година, откако започнавме да ја водиме локалната самоуправа, ставивме посебен акцент на енергетските прашања и процеси, така што одлучивме како раководство да ги посетиме „Европската Недела на Одржлива Енергија 2022“, да го посетиме „ДГ Енер“ и да овозможиме стручните служби да бидат присутни во Брисел на „Годишниот состанок на региони со јаглен од Западен Балкан и Украина“. Во изминатиот период сведоци сме на интензивни случувања поврзани со активно учество и придонес на Општина Битола во проектите кои се поврзани со енергетска ефикасност, заштита на животната средина и праведна транзиција, а сето тоа укажува на тоа дека токму тие области се високо во редот на приоритетни области за нашата општина.

Проектот „Интеграција на зелен транспорт во градовите” кој се имплементира преку првиот повик од ИПА прекуграничната програма со Република Грција 2014- 2020 е аплициран во 2016 година и истиот е класичен пример како треба во континуитет да се работи за успешно да се заврши една добра проектна идеа. Проектот е компатибилен со широкиот контекст на енергетската политика на ЕУ, како што се климатско-енергетските пакети, декарбонизацијата на транспортот, потоа е во согласност со „Европскиот Зелен Договор“ кој во суштина е главната стратегија за раст на ЕУ за транзиција со која Европа ќе стане првиот климатски неутрален континент до 2050 година, што ќе резултира со почиста животна средина, подостапна енергија, попаметен транспорт, нови работни места и севкупно подобар квалитет на живот. Исто така проектот е во согласност и со пакетот „Fit for 55“ кој нуди патека за исполнување на целите на „Европскиот Зелен Договор“, и е во согласност со „Механизмот за праведна транзиција“, посочи Коњановски.

На конференцијата воведни обраќања имаа и Јован Тозиевски – градоначалник на Општина Ресен, градоначалникот на Преспа панајотис Пасхалидис, Димитрис Циамитрос, вонреден професор катедра за електротехника и компјутерско инженерство – Универзитет за Западна Македонија и Невена Смилевска од Национален координатор Bankwatch.

Во текот на конференцијата беше презентиран проектот и активностите поврзани со неговата реализација од страна на  Горан Неделков од општина Битола,  Гордана Цветковска Бошевска од општина Битола, Татјана Секуловска од општина Ресен, Димитрис Циамитрос од Универзитет за Западна Македонија и Бети Ангелевска од Гаус Институт Битола.

Резултатите од реализацијата се промоција на целите на проектот, обезбедување на електрични комбиња и автомобили за четирите општини во регионот, изведба на фотоволтаични инсталации и станици за полнење на електрични возила во четирите општини, комуникациски систем, одредување на оптимален распоред на рути итн.

Вкупен буџет на проектот вклучувајќи ги сите партнери 1.017.627,40 евра од кои буџетот за општина Битола е 196.330 евра.