На првата следна седница на Советот на општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски ќе поднесе иницијатива, за доделување награда од страна на Советот на општина Битола на вработените во Територијалната противпожарна единица, за нивното особено залагање и максимално ангажирање во гаснењето на пожарите и справувањето со огнената стихија над градот.
„Од првите кризни моменти на теренот, кога започна пожарот во понеделникот попладне на 15.07.2024 година, на ридовите над обиколницата, сите припадници на ТППЕ Битола, максимално, деноноќно, беа постојано на терен и работеа напорно да се стави пожарот под контрола, иако временските прилики воопшто не беа на нивна страна.
Со повеќекратни налети на канадерите, испратени како државна помош од страна на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, големиот пожар сепак беше ставен под контрола, но пресудно беше присуството на пожарникарите на теренот, кои продолжија да се борат на нови опожарени локации, заедно со постојана поддршка на јавните претпријатија и граѓаните, кои индивидуално и преку разни здруженија, максимално помогнаа да се стабилизира состојбата, без да имаме катастрофални последици. Кризниот штаб постојано ја следеше состојбата на терен и со взаемна координација, се делуваше во сите можни насоки.
Посебна благодарност, како градоначалник, морам да упатам на сесрдната поддршка на битолчани. Ви благодарам на Вашата големина и на Вашата вклученост, да помогнете секој на свој начин, сеедно дали тоа беше поддршка на терен во гаснењето на пожарите, или донации за луѓето на терен во вода и храна.
Голем број на компании, меѓу кои Бимилк, Вемилк заедно со Ротари клуб Широк Сокак, Инервил клуб Битола, Хотел ресторан Бела Куќа, Хотел ресторан Капри, Пелистерка, фирмата Фреш Кичево подружница Битола сендвичара на Широк Сокак и други поединци и граѓани, донираа храна за пожарникарите и останатите кои го гаснеа огнот, а постојано се надополнуваа донациите и со вода, сокови, јогурт и млеко за луѓето на терен.
Волонтерите од доброволните друштва, паралелно со пожарникарите помагаа на теренот. Тука беа дел од Чкембарите, мотокрос друштва, Доброволното противпожарно друштво Архангел, волонтери, па дури и младиот Митат кој цела вечер со мотокрос носел вода за пожарникарите и доброволците. Млади битолчани, самоиницијативно со своите теренски возила, помагаа при достава на храна и вода. Тука и е битолчанецот Васко Михалчев, кој беше дел од пилотите кои го гаснеа пожарот од воздух. Медиумите, со постојаното следење на состојбата исто така дадоа своја поддршка и беа будното око над градот, известувајќи за секоја теренска новонастаната состојба. И доколку некого изоставив, простете ми, но покажавте голема пожртвуваност и без сите Вас, предводени од нашите пожарникари, навистина исходот можеше да биде катастрофален за Битола и битолчани“, рече градоначалникот Тони Коњановски, образложувајќи ја иницијативата за доделување награда на околу 40-тина вработени во ТППЕ Битола.