Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во Битола приреди прием за членовите на дипломатскиот кор, акредитирани во Република Македонија.
На традиционалниот дипломатски прием, организиран по повод новогодишните и божиќните празници, свои обраќања имаа претседателот Иванов и доајенот на дипломатскиот кор во Република Македонија.
Во својот говор претседателот Иванов, направи ретроспектива на минатата 2015 година.
„Таа беше година на важни крстосници и храбри одлуки, година во која низ Македонија минаа стотици илјади бездомни мигранти и бегалци. Во услови на досега незапаметен сплет на политички и безбедносни предизвици, одлучно се соочивме со речиси се што ни донесе годината. Како држава, изненадивме многумина кои не очекуваа терторијално мала држава како Македонија да биде толку отпорна и цврста пред заканите“. Својот говор претседателот Иванов, го заврши со порака за почитување на меѓународното право и меѓународно превземените обврски.
Денес, претставниците на дипломатскиот кор заедно со својот домаќин, претседателот Ѓорге Иванов го посетија Националниот парк „Пелистер“.
За време на престојот на планината Баба, амбасадорите го посетија инфо-центарот на НУ Национален парк „Пелистер“, пешачеја до ски центарот „Копанки“ и беа почестени со планински чај во хотелот „Молика“.
„Оваа средба е прекрасна бидејќи има многу повеќе амбасадори отколку на вообичаените средби во Скопје. Паркот е прекрасен и ги потврдува своите можности за развој на различни спортови и посебно планинарењето кое е се попопуларно во Европа. Сакам да потсетам дека токму тука на оваа планина пред 100 години во јануари 1916 година се водеа војни, и ова е момент да се одбележи годишнината од потпишувањето на Елисејскиот договор и да се порача дека не треба да има поделби и напротив заеднички да гледаме во иднината и Македонија да биде дел од Европа“,рече француската амбасадорка Лоренс Оер.
За убавините на Пелистер говореше и амариканскиот амбасадор Џес Бејли кој потврди дека повеќе пати доаѓал во Националниот парк „Пелистер“.
За дипломатскиот кор во Република Македонија, градоначалникот на општина Битола Владимир Талески и претседателот на Регионалната стопанска комора Мирко Велковски приредија куса презентација за економскиот потенцијал и инвестициски можности што ги нуди Битола.
„Очекувам наскоро да почне изградба на фабриките во индустриската зона „Жабени“, односно 2 турски и 3 италијански компании. Амбасадорите ги информирав дека во 2016 година очекуваме и други инвестиции за што како општина нудиме целосна поддршка. Довербата е изградена и почнуваме процес за позитивното живеење на граѓаните отворајќи нови работни места. Мислам дека успешно ја искористивме приликата да ги презентираме нашите потенцијали и можности на градот пред највисоките претставници на разни држави, односно дипломатскиот кор во Република Македонија. Нудиме максимална поддршка. Почнуваме една нова ера и со нови конкретни проекти ќе го намалуваме бројот на невработените во нашата општина. Само за потсетување, во мојот прв мандат имавме околу 18.500 навработени, а според последните податоци сега се околу 7.000 невработени, а со плановите што ги имаме оваа бројка во наредниот период ќе ја преполовиме со што целосно ќе го решиме проблемот со невработеноста,, рече градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.